ВИДЕО – Со дефиле на голем број гајдаџии во Прилеп започна 50-тото јубилејно издание на „Пеце Атанасовски“


На спектакуларен начин со дефиле на 30-тина гајдаџии од цела Македонија низ центарот на Прилеп се отвори 50-тото по ред јубилејно издание на фестивалот за народни песни и инструменти „Пеце Атанасовски“. Учесниците велат дека ова е една значајна традиција во Македонија чијја мисија е зачувување на народнито фолклор и која треба многу повеќе да се афирмира и да се поддржува од институциите.

„Чувството е пред се прекрасно и тоа што ја негуваме нашата македонска традиција и најубавиот инструмент гајдата. Младите денес пројавуваат интерес, но мислам дека повеќе треба да се зголеми тој интерес, да искористат професионални луѓе што јја работат таа работа“, вели Ване Крстев, Ново село, Струмица

 

„Ние сме за прв пат тука во Прилеп, јас како наставник во основното музичко училиште од Велес „Стефан Гајдов“ заедно со своите ученици по традициски инструменти за прв пат сме тука и воодушев сум. Се враќа во мода полека тоа изворното, старото, нашето автохтоното што мора да го зачуваме и негуваме затоа што културата е основното нешто за да опстане една нација“, вели Трајче Малинов, ученик од Велес.

 

„Фестивалот е преубаво нешто за љубителите на изворните инструменти, на фолклорот, на музиката, треба да претставува нешто за да го поттикне младиот човек дека нешто убаво било и се случувало во минатото, па останало до ден денес“, додаде Дејан Лазаров, учесник на Фестивалот од Оризари

.

„Кај нас во Оризари има многу мали членови и гајдаџии. Дури сега носиме едно дете кое има само 4 години и ќе свири на Фестивалот денес и утре. И јас свирам на гајда, но исто и на тамбура. Практично голем дел од нас свират на повеќе народни инструменти“, кажа Никола Стојов, учесник на Фестивалот од Оризари.

 

„Фестивалот за народот е многу убаво нешто, да се дружат помеѓу себе, инаку ако не е гајдата нема да се дружиме. Вака ќе се собереме, ќе ги видам другарите и тоа многу го сакам“, рече Здравко Андонов, ученик од Радовиш.

На Фестивалот учествуваат околу 300 учесници, а поради големата заинтересираност селекцијата се вршела неколку месеци. Фестивалот за овие 50 години постоење ја исполни во целост својата мисија и улога.

„Улогата е да го обедини младите и возрасните и гајдаџии и кемаџии, односно на едно место да продефилираат многу инструменталисти, пејачи, каде покрај нивното музичко излагање ќе можат да проследат како свират нивните колеги, како се свири во нивниот регион, како звучат инструментите особено гајдите“, вели проф. Д-р Горанчо Ангелов, музичка академија Универзитет „Гоце Делчев“ – Штип.

 

„Вкупно во двете фестивалски вечери имаме од 250 до 300 учесници. Селекцијата беше навистина тешка започнувајќи од месец март па се до пред една недела. Се надева дека ги избравме најдобрите и дека публиката ќе ужива во овие 2 фествалски дена“, истакна Горан Василески, претседател на Собранието на Фестивалот „Пеце Атанасовски“.

Фестивалот утре продолжува на месноста Рудина во Општина Долнени каде ќе бидат доделени и главните награди.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи