Македонскиот театар треба повеќе да соработува со странски продукции, ни треба и поголем развој на независната театарска сцена


Наш соговорник е Борис Василески, млад режисер од Прилеп, кој што последно ја режираше претставата „Стапица за глувци“, во прилепскиот театар „Војдан Чернодрински“. Со Василески поразговаравме за повеќе теми околу театарската уметност.

Како млад режисер, како гледате на последното издание на МТФ „Војдан Чернодрински“ и како гледате на претставите кои што публиката имаше можност да ги гледа?

Василески: Во однос на тоа кој правец го фаќа Фестивалот и како неговата видливост е подиуната, тоа го оценувам на доста високо ниво, во однос на претставите и на нивниот квалитет. Да бидам искрен ова година не успеав да ги погледнам сите претстави, како што тоа обично го правам и можам да кажам дека со исклучок на една – две претстави, гледам едно мало стагнирање на македонскиот театар, но тоа не е ништо страшно, мислам тоа е нормално да се случи во театарот, особено во една вака мала земја како нашата, тоа зависи од година во година претставува еден циклус, така што да се надеваме дека до година ќе имаме посилно издание во однос на квалитетот на претставите.

Стагнирање во однос на инвентивноста, на квалитетот, на што точно мислите?

Василески: Да, повеќе на квалитетот и на тоа дека се фаќаат некои теми кои што се прилично споредни за нашето опшество, дека не се толку активни во однос на критичната мисла.

Колку денека театарот е коректив на општеството, она што би требало да биде негова основна мисија?

Василески: Мислам дека тука кај нас одиме на една посигурна линија дека како што веќе кажав дека ги обработуваме некако тие споредни теми, тоа не мора да значи дека е лошо, мислам секој уметник го прави она што го чувствува и исто така и јас сум работел на тие малку поспоредни теми, кога викам поспоредни мислам на политички неактивни, во таа смисла, но мислам дека сепак има надеж да се доведе до таа една акција која што е потребна, како театарот треба да биде активен чинител на животот на човекот.

Каде го гледаш македонскиот театар во овој момент кога би направиле една компарација со останатите театри, сигурно како млад режисер ги следите претставите што се случуваат тука, во соседството, во Европа?

Василески: Според мене, македонскиот театар може да се натпреварува со театрите од регионот, кај него проблемот е само што е доста затворен, некако како да не е спремен да се отовори малку кон нови соработки со продукции од странство и со инспирации од странство, но и со одење чекор напред во некои работи, но според мене има тука доста потенцијал и во актерите и во режисерите, така што мислам дека може да се крене квалитетот на македонскиот театар.

Еве, како би се сменила оваа слика што ја има моментално?

Василески: Со повеќе фестивали, милам дека ни фалат повеќе интернационални фестивали бидејќи сме мала средина некако сите се знаеме меѓусебе и во еден момент тоа станува некако бајато и збоктисано и си здосадуваме едни на други и мислам дека тука ни треба една циркулација, мислам дека секој сам од себе треба да почне со своја иницијатива да се освежува себеси и да си створа шанси да работи и надвор и тука и слично.

Каде ја гледаш перспективата на твојата професија во Македонија – режисер во театарската уметност?

Василески: Како што кажав, мислам дека шанстата не треба да се чека, туку шансата треба да се создава така што доколку човек има иницијатива мислам дека има работа за него, на подолгорочен план не би можел да кажам бидејќи постојат некои проблеми тука кај нас во однос на тоа колку имаме завршени, а не вработени театарџии и слично, но сметам дека независната сцена е еден добар дел каде што човек може да се вежба. Тоа е еден простор кој што е така без многу рестрикции, каде што уметникот може да ја земе својата слобода и да се челичи.

Како функционира кај нас таа и колку функционира таа независна театарска сцена?

Василески: Во последниве години појавени се доста уметници кои што работат на таа независна сцена има некои проблеми со кои што се соочува таа независна сцена, еден од нив е немањето на простор, секогаш е мака мачење со институциите за да се дојде до одреден простор, додека имаме и доста мали буџети за таа независна сцена, некако свеноста кај државата досега, па дури и кај публиката за таа независна сцена не е на некое добро ниво како што би можело да се каже дека е како во некои напредни земји во регионот или понатаму на запад во Европа.

Проблемот е најчесто во финансиите или во другите услови, за организирање на таа независна театарска сцена? И дали има публика која што би ги следела сите тие проекти кои што би ги направила независната театарска сцена?

Василески: Мислам дека има публика, можеби не толку многу, но може да се создаде таа публика, но проблемот е што секогаш независната сцена бидејќи е ограничен број на луѓе кои што работат на претставата ги троши своите ресурси токму во тие проблеми како што се простор немање или малку буџет па никако да се стигне до тоа да се посвети внимание на маркетинг и да може да се крене свесноста и да се зголеми бројот на публиката и слично.

Освен државата што не одделува доволно средства, колку оваа независна театарска сцена е препозната од други ајде да кажеме МЕЦЕНИ условно кажано, бизнис секторот во државата?

Василески: Во однос на бизнис секторот, сега за сега нема некој огромен слух бидејќи приватниците како да не гледаат доволно ќар во промовирањето во уметноста, постои некој предлог закон за ослободување од данок како што тоа се прави со спортските клубови, тоа би можело значително да го подобри тој дел, исто така постојат и некои европски фондови кои што кај нас се прилично малку застапени и ако ги има прилично мала е свесноста за нивното постоење.

Не се искористуваат тие средства?

Василески: Мислам дека не се искористуваат доволно.

Зошто, каде е проблемот во апликацијата на тие проекти, во добивањето, начинот е тежок?

Василески: Начинот е тежок, прилично е комплициран, бидејќи сум активен во независно здружение „Штрих“, се обидуваме да добиеме сега еден таков проект, апликациите се прилично комплицирани, но не знам да кажам зошто, веројатно е недоволно информираност од наша страна.

Соработувате ли со други независни театарски сцени од регионот, од Европа?

Василески: До сега сме имале една соработка со кралскиот театар од Цетиње во Црна Гора, но активно работиме на два големи проекти, со две групи од Црна Гора, една група од Белград од Србија и една група од Загреб. Пробуваме да се вмрежуваме бидејќи сметаме дека тоа е начинот на учење, на растење и на пробивање во нашата фела.

На што во моментов работи Борис Василески?

Василески: Во моментов припремам два перформанси, кои што треба да се случат на два посебни фестивали во две различни села. Едното село е Вртешка, фестивалот се вика „Е ај Вртешка“ во штипско, додека другиот фестивал е во прилепското село Стровија, се уште имаме само работни наслови не можам премногу да зборувам околу тоа, можам само да кажам дека ќе биде поврзано со Богомилите, нешто што кај нас е неискористен ресурс и тема која што недоволно е застапена, а е доста автентична за нашево поднебје, и до крајот на годината исто така треба да имам уште една премиера тука во прилепскиот театар, претставата ќе биде на современа фарса, сега за сега ќе го прикриеме насловот и исто така до година можам да најавам и авторски проект.

Она што ми е интересно од одржувањето на овие два проекти, во две рурални средини, од каде идејата токму во Стровија и во Вртешка?

Василески: Добив покана и од двете места, непланирано, „Е ај Вртешка“ е мултимедијален фестивал кој што постои, мислам дека ова ќе биде негово четврто издание, таму ќе работам со студенти од Бугарија и Македонци, додека во Стровија ова ќе биде второ издание, претходната година беше само музичко издание, а оваа година се проширува малку на повеќе уметности.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи