ВИДЕО – Жарко Димитријоски единствениот уличен музичар во Прилеп и основач на еден од првите рок бендови во градот „HELP“


Драги гледачи соговорник во ова интервју е нашиот сограѓанин Жарко Димитријоски. Голем број од прилепчаните можеби и веднаш го препознаваат, тој е човекот кој скоро секое попладне кај Старата стоковна куќа, кај нејзиниот влез, наспроти Центарот за култура Марко Цепенков, ги забавува граѓаните со ваква прекрасна музика. Господине Димитријоски ви благодарам за оваа прекрасна мелодија што имавме можност и чест да ја слушнеме на почеток од разговорот. Како што ве најавив, вие сте во моментов можеби и единствениот уличен уметник музичар во Прилеп кој што граѓаните можат да го слушнат скоро секоја вечер како што кажав на булеварот Гоце Делчев, наспроти Центарот за култура, а за потребите на ова снимање сега се префрливме малку погоре во паркот.

Прво да ги поздравам сите гледачи на телевизија Сител, посебно Ристо Самарџиев, јас сум член на културно уметничко друштво „Пензионер“ од Прилеп. Ви благодарам на поканата што бевме учесници на „Мерак меана“. Така да голема  благодарност до него и поздрав до цела Македонија и сите гледачи на оваа телевизија.

Можеби малкумина знаат дека Жарко Димитриоски својата музичка кариера ја започнува уште во 60-тите години од минатиот век и тој е еден од основачите на една од ретките тогаш рок групи, која се вика „Help“, или на македонски „Помош“. Како Жарко ја започна својата музичка кариера и тоа токму со рок музика?

Во тие години се појави рок музиката во 60-тите години и почнаа Битлси. Во Лондон на првиот концерт не беа прифатени добро, но по вториот концерт направија бум и целиот свет ги прифати. Почна да се негува таа музика, се појавија многу групи како Ролинг Стоунси, Лед Цепелин, Пинк Флојд и многу други групи и ние се заљубивме во таа музика и ја оформивме групата „Help“, купивме гитари и настапувавме низ градов, приредувавме игранки, тогаш немаше кафиќи.

Каде се одвиваа тие забави за младите?

Тие се одвиваа во домовите, имаше Дом за Солидност, Дом за Тризла, повеќе домови и посебно во Офицерски дом.

Во новата општинска зграда.

Да тука беше, се одржуваа и гитаријади каде учествувавме, учествувавме тогаш и во „трлото“ се викаше на една гитаријата кога беше војната на Америка со Виетнам и јас компонирав тогаш песна за Виетнам и добив награда за таа песна. Потоа прво место освоивме во Офицерски дом, а најдраг настап ми беше кога бевме учесници на гитаријадата во Гостивар. На таа гитаријада учествувавме со доста јаки групи од цела Македонија, како „Ленки“ со кои настапи Драган Мијалкоски, потоа „Вихори“, „Пламени“ кои беа скопски групи, а најинтересно во тоа време беше тоа што весниците беа во црно-бела техника и прв пат тогаш излезе весникот „Журнал“ во колор техника. Тие не сликаа бидејќи имавме автентична облека, имаше една група „Холиси“, носеа кошули со тафти и им бевме интересни и не сликаа во „Журнал“, само уште таа слика не можам да ја пронајдам дома, а ја чувам за спомен.

Кои групи ви беа идоли од тоа време, 60-тите, 70-тите години кога настапувавте?

Почнаа Битлси и тие ни беа нормално, потоа Ролинг Стоунс, имаше една група Ху доста јака од Лондон, Лед Цепелин, имаше доста групи.

Им беа сите тие песни познати на прилепчани, како се забавуваа, како беше тоа време тогаш?

Како не, на младите им беа познати и се забавуваа, ја сакаа рок музиката.

Значи беше прифатена?

Прифатена беше, но потоа со ток на време на оформив групата „Прилепски мерак“ . Рок музиката поради финансиски причини ја оставивме и се префрливме на староградска музика.

Од рок на староградска?

Да, на староградска.

Колку време функционираше рок групата?

2-3 години и потоа се префрлив во „Прилепски мерак“ и со неа музициравме некаде 18 години. Снимивме едно ЦД во Кавадарци во студио „Моцарт“, тогаш таму снимаа Џоко Ѓорчев, Кате и Нели ти реков, сите овие познати естрадни музичари, а таму настапивме прв пат во Кавадарци во една пицерија „Џакомо“, а потоа 5 години свиревме над Кавадарци, Боклиште се вика во рибен ресторан „Златна рипка“.

Значи практично свиревте низ цела Македонија?

Да, Скопје заедно бевме на прилепски забави кога прилепчаните организираа прилепски забави во Скопје. Не можам да се сетам за други настапи низ Македонија, во многу градови.

Тие се ваши настапи и многу спомени имате со „Прилепски мерак“ .

Рековте 18 години?

Да, 18 години, најмногу со нив.

Што се случи потоа?

Потоа почнаа газдите од кафеаните да бараат по двајца или тројца.

Зошто, им беше скапо да плаќаат цела група?

Скапо им беше и ни ги растурија групите. Тогаш откако се растуривме како и многу други групи од Прилеп, јас зедов еден сајзерист, нормално гитарата и појачалото си ги чував, Стојан Тасески од Тополчани, тој со мене свиреше околу 6-7 години и се викавме „Легенди бенд“. Некои се сеќаваат и со него покривавме цели кафеани, а најинтересно беше што свиревме цели 5 години во Ресен. Ресенчани многу нѐ засакаа и му викаа на газдата само тие сакаме да ни свират и никој друг.

Сега сте еден, а ако не и единствен музичар во Прилеп што секоја вечер тука ги забавува граѓаните кои ќе поминат на булеварот Гоце Делчев, спроти Домот за култура?

Да, тука живеам во близина, излегувам тука бидејќи без музиката не можам да живеам, се релаксирам со неа и сакам да си ги забавувам прилепчани, да се чувствуваат порелаксирано, повесело, да не бидат тажни, тоа ме радува.

Како дојдовте до идеја да го направите ова?

Бидејќи сега сум само член на КУД „Пензионер“ од Прилеп и само со нив настапувам, не можам да престанам со музиката што ја негувам и така излегов не улица, сега скоро, пролетоска и лани касна есен, но сега почнав поредовно да свирам на улица.

Каков вид на музика можат да слушнат прилепчани тука, но и исте оние кои доаѓаат од другите градови?

Разна музика, од староградска, народна, забавна и рок, од сите видови на музика.

Најмногу вас сега што ви лежи на срце?

Повеќе забавната ми лежи, но според вкусот некој бара различна музика.

Ајде да слушнеме некоја рок песна од тоа време, од 70-тите години.

Рок не можам, но ќе свирам една од The Moody Blues, Nights in white satin.

Ова беше одна од песните што ве потсеќаат на вашата младост?

Да од тоа време, од една група The Moody Blues.

Најинтересните коментари што сте ги добиле од прилепчани во овој период додека свирите на улица?

Коментари имам добиено доста позитивни, така да доста минувачи ми рекле „алал да ти е, да живееш уште 100 години“. Тоа најмногу ми се допаѓа, а не финансиите, не е важно дали ќе ми остават пари или не.

Значи бакшишот е споредна работа?

Споредна работа, но зборот е голем кога ќе ми кажат така.

Ќе продолжите и понатаму да свирите?

Ќе продолжам ова лето да, ќе продолжам, без музика не можам да живеам, музиката ми е сѐ мене.

На почетокот спомнавте дека сте член и на КУД „Пензионер“ од Прилеп, каде свирите контрабас. Како се спои тоа сега, зошто не гитара туку контрабас?

Па затоа што немавме контрабасиста, а немаше кој да свири контрабас и бев приморан јас да свирам, гитарата ја оставив на еден колега и сега така настапуваме 6 мина. Пензионерите не знаат низ Македонија кога настапуваме на разни ревии и ги поздравувам сите пензионери и моите пензионери од Прилеп, да се живи и здрави и да живеат подолго.

Еве за крај со која песна ќе нѐ поздравите и нас, но и гледачите кои што имаат можност да го погледнат ова интервју?

Староградска песна од нашето ЦД, од насловната страна.

Тоа е ваша авторска музика?

Лично наша музика, а автор е Славчо Бунтески.

Како се вика песната?

„Со душа ја чекам среда“, стара песничка, лесна.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи