Крајно време е да се преиспита судската мрежа во државата и судовите во помалите градови да се укинат и да се претворат во судски одделенија, предложи членот на Советот Сашко Георгиев на денешната седница, откако беше констатирано дека на огласот за избор на претседатели на основните судови во Крушево, Берово и во Делчево не се пријавил ниту еден судија. Членовите на Советот истакнаа дека ваквата ситуација, кога никој не се јавува на огласите за претседатели на помалите судови се повторува со години наназад.
„Во изминативе две до три години сме алармирале доволно гласно за проблемите со недостигот на судии, а ако треба ќе зборуваме и погласно. Анализите покажуваат дека делегирањето на судии не е решение, затоа што со тоа се нарушува концепцијата и планот за работа на поголемите судови. Нема кандидати за претседатели, па одиме со вршители на должност. Овој проблем ќе се реши во рамките на долго споменуваните реформи во судството законодавната власт ја преиспита судската мрежа, односно оправданоста на постоењето на неколку мали судови во земјата. Тоа се седум судови, ги знаеме кои се, во кои нема судии, ниту заинтересираност за претседатели. Бројката на судии се намалува секоја година, а сето ова се одразува на ефикасноста и ажурноста на поголемите судови, кои имаат доволно работа, а немаат доволно судии. Крајно време е со реформата малите судови да преминат во одделенија“, рече Георгиев.
Претседателката на Судскиот совет, Весна Дамева забележа дека судството во државата се соочува со колапс.
„Не знам како ќе ги надминеме овие состојби. На некој од работните состаноци да видиме што ќе правиме иако ние како Судски совет сме пишувале и писма и дописи, сме интервенирале кај надлежните институции. Судството во државата се соочува со колапс, верувајте. Ние формално повторно ќе спроведеме постапка, но се плашам дека пак нема никој да се пријави. Се сведуваме на тоа да делегираме судии од ваму, таму, ама тоа не е решение. Тоа е само колку да фигурира. Се надевам дека со новите акадамеци што ќе излезат некаде во октомври, ноември може малку да избалансираме, ама и тоа ќе биде мал број“, рече Дамева.