ЦУК: Успешно спасен маж од длабока тиња и кал – пожарникарите го извлекувале 3 часа

Facebook
Twitter
Email
Print

Кумановец пропаднал во тиња и кал во близина на реката Пчиња, а утрово бил извлечен од екипа на Територијалната противпожарна единица Куманово, соопштија денеска од Центарот за управување со кризи и од ТППЕ Куманово.

Кумановските пожарникари повикот го добиле во 03: 13 часот утрово. Екипа предводена од командирот на смена, Сашо Илиевски, се упатила на местото покрај течението на реката Пчиња помеѓу кумановските села Студена Бара и Пчиња.

„Веднаш по добивањето на повикот од риболовец кој слушнал дека човекот е заглавен во калта и тињата се упативме на местото. Но, теренот е доста непристапен и моравме да одиме помеѓу дрвја, гранки, грмушки. Се приближвме, го видовме човекот кој речиси до глава беше во калта, тињата, успеваме да го извадиме човекот и со носила да го однесеме до екипата на Итна помош“, изјави командирот на смена од ТППЕ Куманово кој го предводеше тимот, Сашо Илиевски.

Акцијата траела околу три часа. Самото место било невообичаено како „жив песок“, со исушен слој најгоре на површината од топлото време, а надолу како да немало дно. Човекот колку и да се обидувал да се извлече, пропаѓал.

„Сме слушнале од риболовци за вакви места. Упатуваме апел до граѓаните да внимаваат кога одат покрај вакви локации. Извлекувањето траеше долго, бидејќи самиот предел беше доста тежок за пробивање, грмушки, моравме со опрема полека да се движиме, на неколку места ја поминувавме реката. Отидовме на локацијата, риболовецот ни го покажа патот. За назад беше исто така предизвикувачки, го врзавме со јаже, го легнавме на страна, разговаравме со него за да остане контактибилен, го посипувавме со вода, на носила го извлекуваме, тимски и етапно“, рече Илиевски.

Додека едни го носеле, други со секири го расчистувале пред нив патот од вегетација и дрвја за да се пробијат до пристапниот пат каде ги чекала Итната медицинска помош. Екипа на Итна помош првично интервенирала на човекот кој бил истоштен од долготрајната борба со калта, за потоа да биде префрлен во кумановската болница. Како што информираше директорката на кумановската болница, Биљана Илиевска, тој бил прегледан на хирургија и на интерното одделение и сега веќе е пуштен на домашно лекување.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи