Премиерот Христијан Мицкоски од Вашингтон најави нова инвестиција на американската компанија Вабтек, која што веќе работи во кругот на поранешниот МЗТ, а ќе ги проширува капацитетите преку изградба на нова фабрика во технолошко индустриско развојната зона Бунарџик. Станува збор за инвестиција од 35 милиони евра и нови 100 вработувања.
Во новите погони ќе произведува сопирачки за шински возила наменети за извоз на странски пазари.
„Тоа значи дека ќе имаме зголемен извоз, тоа значи дека ќе имаме позитивно влијание врз Бруто домашниот производ. Она што претставува главна обврска, фокус и посветеност на оваа влада е економијата и борбата против криминалот и корупцијата. Владата на овој начин сака да покаже дека практично ја менува климата во земјава, нешто коешто досега беше навистина збунувачки како за граѓаните, така и за домашните и странските инвеститори. Компанијата Вабтек ќе го има мојот личен фокус, очекувам дека оваа инвестиција ќе биде многу скоро завршена и дека не само оваа инвестиција, туку ќе можеме да додадеме уште некоја нова инвестиција којашто ќе дојде од компанијата Вабтек“, изјави Мицкоски.
Корпорацијата Вабтек е водечки снабдувач на производи и услуги со додадена вредност за товарен и патнички железнички превоз. Компанијата произведува делови за локомотиви, товарни вагони, патнички возила и опрема за производство на електрична енергија. Вабтек во Македонија во моментов брои 370 работници.