ВИДЕО – Жителите на Оревоец: Ископот кај Оревоец е криминален без ниту една дозвола, само со сила може да не тргнат од барикадите


Денеска во Основниот суд во Прилеп се одржа рочиштето на кое жителите од селото Оревоец бараат времена мерка за стопирање на активностите на ископот за тампон кој Бехтел и Енка го прави на неколку стотини метри од селото. Адвокатот на жителите вели дека од доставената документација можело да се заклучи дека ископ се правел комплетно незаконски, криминално и без ниту една потребна дозвола. Бараат и одговорност од надлежните.

Имено, во текот на 2019 па се до 2023 година министерот за транспорт и врски Благој Бочварски на неколку наврати носел одлуки за утврдување дека нема потреба да се изготви студија за животната средина, која одлука на неколку наврати е прифатена од Министерството за животна средина, за да во текот на месец април 2024 година да донесе решение со кое се утврдува потребата и му се наложува на Јавното претпријатие за државни патишта да изготви таква студија за влијанието врз животната средина. Како што самите сте сведоци реализацијата на проектот е почната, а таква студија се уште не е изготвена. Не поседуваат сообраќајна согласност од Општина Прилеп, исто така отсуствуваше и главниот рударски проект врз основа на кој би се изготвувале плановите за минирање“, изјави Жарко Стеваноски, адвокат на жителите од село Оревоец.

Адвокатите и претставниците на Бехтел и Енка и ЈПДП ги одбегнаа новинарите несакајќи да дадат одговор за целиот случај.

„Уставно загарантираните права на граѓаните, правото на здрава животна средина не можи да се погазува на ваков начин и затоа го повикуваме и Уставниот суд во што е можно побрз рок да одлучи по поднесената иницијатива за оцената на уставноста, на таков начин би се спречила навистина ненадоместлива штета по здравјето, животот на граѓаните и животната средина. Претставниците, односно полномошниците на јавното претпријатие и на Бехтел и Енка ги изнесуваа своите ставови неаргументирано, непоткрепено со соодветни докази, иако од нив експлицитно беше побарано на рочиштето да достават докази за поседување на соодветни одобренија и лиценци, дека не постапиле по одредени одлуки на Министерството за животна средина имавме само паушални аргументи за важноста на проектот, дека тоа се работи од јавен интерес, дека тоа е за добро на граѓаните, иако таквите наводи не беа поткрепени со ниту еден материјален доказ кој го доставија во текот на оваа постапка“, додаде Стеваноски.

Жителите се крајно револтирани на ваквите постапки и велат дека Бехтел и Енка отворено им кажале дека ќе ги им исплатат претрпените штети доколку ги имаат.

Тие побараа едноставно да ја кажеме која е нашата материјална штета, но тие не ја гледаат нематеријалната штета, за нив е поважна материјалната, едноставно да нѐ исплатат нас, а нематеријалната штета е голема, се загади воздухот, се загади почвата, пробијаа еден извор со вода, вршат репресија врз селаните и ден денес идат, снимаат, провоцираат, едноставно сакаат да направат кавга“, кажа Рубин Рујаноски, жител на с. Оревоец.

 

Буквално на народен јазик секој да го разбери, ние ќе ви урнеме сѐ, а после вие можете да си барате материјална и нематеријална штета, која тие веројатно се чувствуваат толку моќни и силни да можат да ни ја платат. Само пак ќе го цитирам Жарко, која е цената на нашите животи, во ред куќите можат да се купат, нашите животи веројатно многу евтино нѐ процениле. Лично во нашиот двор, ние не дојдовме ниту во Америка, ниту во Турција во вашите дворови, вие дојдовте кај нас дома, така да не очекувајте да помини така лесно. Така да тука сме Бехтел и Енка и ЈПДП, можите само насила да нѐ тргните“, рече Дејан Ачкоски, жител на с. Оревоец.

Жителите велат дека остануваат на барикадите и протестите и дека по никојја цена нема да дозволат да проработи ископот за тампон кај нивното село. Очекуваат времената мерка за стопирање на активностите да ја донесе и Основниот суд во текот на наредната недела.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи