ВИДЕО – Еден загинат во сообраќајка кај с. Врбјани, жителите велат нема сигнализација кај реконструкцијата, за ЈПДП бајпасите се нерегуларни и патот бил целосно затворен


43 годишниот Б. П. жител на селото Кривогаштани синоќа околу 23.45 минути го загуби животот во сообраќајна несреќа која што се случи на патот Прилеп-Крушево, во близина на селото Врбјани. Сега починатото лице од засега непознати причини излетал од патот токму во делот каде моментално се изведуваат градежни работи. Со Итна помош е веднаш префрлен во прилепската болница каде после извесен период им подлегнува на повредите на одделението за хирургија.

Го извадовме од возилото, го ставивме во Брзата помош, човекот беше контактибилен, но најверојатно имал некоја внатрена повреда и ете што се случи“, истакна Љупче Јошески, жител на село Врбјани.

Жителите се жалат дека овој патен правец е вистинска закана за возачите затоа што ова место не било скоро никако обележано дека тука има градежни работи. Немало соодветна сигнализација која би предупредувала за брзината на движење возилата, ниту пак светлечка сигнализација која би ги предупредувала возилата во текот на ноќта дека тука треба да се внимава.

За  овој пат од 1 км. има рок да се прави 1 година, во која нормална држава ова се случува, само ние сме вакви единствени во светот. Нема никаква сигнализација, кога започна да се прави патот имало сигнализација велеа кај Мало Коњари. Како бе така кај Мало Коњари, знаете ли вие колку е тоа далеку од тука? Да, навистина има таму сигнализација, но кој може да го забележи тоа, ајде ние што сме од тука од овие населени места го возиме патот механички, јас ако не сум од тука како ќе забележам дека нешто се гради, треба повпечатлива сигнализација“, додаде Љупче Јошески, жител на село Врбјани.

 

„Како што гледате нема сигнализација, треба да има затоа што вака не е безбедно“, вели еден од возачите на автомобили кој поминуваше на ова место.

На ова место има знак дека патот е забранет во двата правци, но по барање на соседните општини се направени привремени бајпаси низ нивите за да не се парализира регионот. Жителите се жалат и на тоа дека прво се започнало со реконструкција, а овие премини се направени по нивно инсистирање.

По меил поставивме прашање до ЈПДП дали овој патен правец кој се реконструира е соодветно обележан и дали тие премини, односно бајпаси на патот се соодветно направени, односно зошто прво е почнато со реконструкција на патот без да се изградат такви места каде возилата би го поминувале делот каде се реконструира, туку истите се изградени откако е почната реконструкцијата на патот, по бурната реакција на жителите дека ќе биде парализиран цел регион.

Од ЈПДП ни одговорија дека патниот правец кој моментално се реконструира е целосно затворен за сообраќај и поставена е соодветна сообраќајна сигнализација согласно со одобрениот сообраќаен проект за режим на сообраќај.

Од ЈПДП исто така велат дека имале изработено и Основен сообраќаен проект за режимот на сообраќај при санацијата на трупот на патот, како и Одобрение за времена измена на режим на сообраќај издадена од Министерство за транспорт и врски.

По однос пак на направените премини, целосно се оградувааат од нивната изработка затоа што тие не се дел од одобрениот сообраќаен режим и биле изработени од страна на Општина Кривогаштани и Општина Крушево.

„Од Општина Кривогаштани ни се обратија до нас да им отстапиме дел од материјалот од ископот за да го искористат за таа намена, и истите се направени и покрај нашите многубројни известувања до нив дека не се дел од одобрениот сообраќаен режим – со објаснување од нивна страна дека ќе бидат користени исклучиво за потребите на земјоделската механизација. На терен е постапено согласно со сите договорни услови и законски прописи за изведбата на ваков тип на објекти и е целосно постапено согласно со одобрениот сообраќаен режим“, велат од ЈПДП.

Но нема одговор ако овие бајпаси се нерегуларни, тогаш како би одвивал сообраќајот во овој регион и како тоа ќе влијае врз животот на граѓаните ако се знае дека ова е единствениот патен правец кој директно поврзува 3 општини, Прилеп, Кривогаштани и Крушево.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи