Галеријата на Никола Мартиноски во Крушево е една од најдобро уредените галериии во Македонија. Пуштена е во употреба во 1968 година, а во нејзиното уредување учествува и самиот Мартиноски кој тука донирал 62 дела. Галеријата се наоѓа во една автентична градска крушевска куќа стара над 200 години. Тука се наоѓаат врвните дела на маестралниот „Македонскиот Модиљани“. Неговиот творечки распон е прикажан од 1928 од кога потекнува неговото најстаро или прво дело насловено како „Глава на жена“, па се до 1968 година. Недостасуваат слики од неговите 5 последни години на живот што од Галеријата се надеваат дека во иднина ќе добијат и некое од тие дела. Неговиот „Автопортрет“, „Македонската Мона Лиза“, „Илинден“, „Крушевските обичаи“… се само дел од неповторливите дела кои може да се погледнат тука. Низ Галеријата не прошета Борис Маркоски, историчар на уметност, кој минатата година издаде за прв пат каталог кој комплетно ги обработува сите дела на Галеријата на „Никола Мартиноски“. Освен уметничките дела тука може да погледнете и како изгледале собите пред повеќе од 100 години во една стара крушевска куќа, кои елементи го содржеле и како биле украсени.
Се наоѓаме пред Галеријата Мартиноски, еден навистина импресивен објект во Крушево што може да се забележи уште од самиот влез кога доаѓате во градот, од десната страна веднаш ви паѓа во очи. Многумина се прашуваат дали ова е родната куќа на Мартиноски, или е една стара крушевска куќа приспособена да биде понатаму во една ваква установа?
Навистина во праксата во голем дел од минатите години се соочуваме точно со таа мисла на доста посетители, кои доаѓајќи тука викаат дека одиме, ќе одиме или каде е куќата на Мартиноски. Често пати ја разрешуваме оваа дилема, еве сега да ја разрешиме уште еднаш официјално, тоа е староградска куќа од едно богато семејство, генерално откупено од Општина Крушево од Јанку Таше, откупена од фамилијата на Таху, која 60-тите години се приспособува, се адаптира да стани Галерија на уметностите на Никола Мартиноски.
Која година е отворен како објект?
1968 година. Во тој момент таа станува официјално Галерија на Никола Мартиноски, секако претходно тука се сместени други институции од јавен карактер, за после сето тоа да премини под националната установа.
Таа е направена галерија уште за време додека е жив Никола Мартиноски?
Да.
Дали се прави во консултација со него?
Да, одборот кој е составен за избор на неговите дела и пред сѐ за избор на објектот во кој ќе биде сместена неговата галерија е во консултација и консолидирање со идејата на самиот автор Никола Мартиноски.
Колку дела може да погледне посетител доколку го посети овој објект, оваа галерија?
Нема да бидам скромен и ќе кажам дека овде се наоѓа најбогатата поставка со негови дела, негови дела може да сретнеме и во други градови и приватни збирки, други музеи и галерии, но овде имаме 62 негови дела, од кои можам да кажам и најстарото негово дело тука изложено кое ќе го видиме внатре, па се до 68-ма. Значи опсегот на неговите дела кои ги имаме во галеријава е до 68-ма година. Тука малку имаме “еден проблем“, се надевам дека во иднина ќе ја збогатиме оваа збирка и со дела од 68-ма до неговата смрт.
Да погледнеме дел од овие навистина врвни уметнички остварувања кои се наоѓаат во овој објект.
Да, повелете.
Ова е приземјето на оваа куќа, што порано се наоѓало во приземјето на старите крушевски куќи?
Класично и стандардно во долниот дел на приземјето била сместена економијата, или простор каде што се чувала храна, но и простории каде што се чувале животните. Во истата таа куќа, затоа и подот е од цврст материјал т.е. камена плоча, да може хигиената да се одржува полесно. За разлика од тоа, подовите горе се од дрвен материјал, а карактеристиката за таваните си останува и во овој дел од дрво.
Според оние информации кои ги имаме, овој објект е стар околу 200 години.
Од прилика, затоа што најстариот документ кој го наоѓаме е документ од ефтерите на Отоманската империја, така да мислам дека ги има тие години. Архитектонски се нема досега толку истражувано за да се проба да се открие коренот на изградбата на куќата, но чисто се сомневам дека тоа може лесно да се направи.
Спратноста на куќата и распоредот на собите е задржан според оргиналот?
Да, ништо не е изменето, архитектонски како надворешно, така внатрешно задржан е објектот во својата форма и во својот состав. Секако во самите простории адаптирани се деловите, ѕидовите, но сето другото е во неговата првична форма. Секако биле направени нови врати, нова дограма, која повторно го задржува својот почетен концепт, форма, материјал итн.
Да продолжиме со оваа наша тура, имаме интересен момент тука, скалишниот простор се дели на два дела.
На два дела, од две страни. Една од карактеристиките на побогатите куќи, т.е. побогатите фамилии кои можеле да си дозволат раширување на куќата, на просторот, па така и влезот на скалилата помеѓу катовите се прават од две страни.
Еве го тој навистина интересен скалишен простор, каде имаме можност да се качиме од двете страни, но на крајот сепак се спојуваат скалилата во еден, а потоа пак се разделуваат за на вториот спрат двострано. Ова е првиот спрат на куќата, каде најчесто бил за оној дневен престој.
Поделбата на катовите на побогатите куќи, на првиот кат се сместени дневниот престој, престојот за прием на гости, додека спалните одаи се на најгорниот, вториот кат.
Ќе имаме простор да видиме и една одаја од 19 век што се наоѓа веднаш позади нас, но сепак акцентот на целата оваа репортажа, овој документарец го ставаме на ликот и делото на нашиот великан Никола Мартиноски, па да го погледнеме оној негов прв период, односно неговот прво дело, најстаро кое се наоѓа во овој објект. Се наоѓаме во првата соба од Галеријата Никола Мартиноски, која носи едно интересно име, Париската соба, затоа што тука се преставени делата кои се под влијание на оној период додека тој престојувал во Париз.
Точно, неговата дипломска работа морам да ја потенцирам како најсупешна на Факултетот за убави уметности во Букурешт и ја брани 1927 година, за во наредната година тој да престојува во Париз, каде се среќава со делата на сите тогаш познати уметници во европски ранг и нормално, како за еден млад уметник кој почнал да ги впива тие работи е нормално да добие и влијание од сета таа плејада на современи европски уметници, меѓу кои и Модиљани, Пикасо и сите останати.
Тој често се нарекува и македонскиот Модиљани, дали тој му бил идол и најмногу зел од неговата уменост?
Според моите гледишта мислам дека има доста големо влијание добиено од Модиљани, иако не би рекол дека нема и од Сезан, дека не ги добива и другите елементи, но ете на многу дела негови може да се види тој мирис на таа насока. Таа е таа прва или најстара слика која ја имаме овде во оваа галерија, се нарекува Глава на жена, изработена 1928 година, значи периодот на Париз, на неговото живеење во Париз. Ова е најстаро дело и така почнуваат и другите дела, па затоа и собата се нарекува Париска соба.
Како што може да забележиме тоа е периодот на 1928 година, потоа имаме тука дело Младинец со фес 1929 и доаѓаме до триесеттите години, интересни дела, малку похрабри, каде е преставено голото женско тело, најверојатно она што тој тогаш го учел или го гледал во самата уметност во Париз.
Самата уметност, уште при студирањето на секој уметник го познава актот, голото човечко тело независно дали е женско или машко, секако во едни нормални граници на пристојноста, така да не само влијанието на актот кој веќе е созреан во Европа, него и неговото влијание од образованието му дава за потстрек да го слика актот. Но, можеби треба да го поврзиме тоа негово сликање на актовите и со социјалниот период кој се случува во тие години кои тој ги живее, ги гледа, каде што во понатамошните дела ќа ја видиме таа негова поврзаност можеби на голото тело на жената и социјалната прилика во која живее.
Исто така интересен е и неговиот автопортрет кој се наоѓа тука, едно од неговите можеби најпознати дела кои ги има.
И јас така мислам, како автопортрет дефинитивно е најпознат, а и како неговото препознавање каде може да се сретни името, тука се наоѓа и токму овој автопортрет. Тоа е автопортретот по кој е препознатлив, би рекол со самото спомнување на неговото име би можело да се кажи дека тоа е тој Никола Мартиноски, тоа е тој негов лик. Еден кубизам кој може да се препознае во дел од овој автопортрет, но и она што во неколку негови дела ќе ги приметиме темните очи, таа тежина, таа темнина која ја дава душевната експресија на периодот. Тоа е неговата емоција која тој ја пренесува на своите платна, сликајќи ги ликовите на одредени луѓе, па ете тука и на својот лик, на својот автопортрет го прави тоа.
Она што можеби е интересно и малкумина го знаат е дека токму поради сликање на голите тела тој еден ден лежи и во затвор, како еден интересен момент од неговиот живот.
Да, навистина интересно, очигледно уметноста која се развива во Европа, значењето на уметноста, сфаќањето на уметноста и уметноста која се развива во Македонија се се уште 2 различни патеки. Македонската уметност е оформувана во уметноста на црковното сликарство, фреско сликарството, иконописот, впрочем и самиот Мартиноски првите чекори и првите допири во уметноста ги среќава во атељето на Папрадишки. Мислам дека општеството кое овде живее, или народот се уште ја нема добиено таа перцепција за европска уметност и кога вие доаѓате од Европа со целиот тој потстрек, со целата таа своја уметничка слобода, тој ги прави во кафеаната Океан во Скопје тие фрески, тие мурали со неморални голи женски тела во една претстава на игри. Всушност и во неговите дела кои ги имаме овде во галеријата приметуваме доста каде баш е вткаена таа игра. Нормално во една кафана тоа не е игра на спорт, туку би ја сместиле во таа еротска игра. Но власта која тогаш се формира и која се наоѓа тука на овие македонски простори тоа го оценува како порнографија.
За кој период зборуваме?
После Втора светска војна. Како порнографија тие не само што го осудуваат на еден ден затвор и неколку динари казна, туку бараат и да се срушат, да се изгребат тие дела во кафеаната Океан. За жал задржани се само една или две фотографии од тие дела, делата се неповратно уништени, бидејќи тоа е тој дел кога се уште современата уметност нема толку убаво забраздено во македонското тло. Тоа забраздување го прави меѓу останатите и Никола Мартиноски, за понатаму да се разбере и вклопи таа уметност во македонската уметност.
Токму така, Мартиноски е еден од пионерите на таа современа македоска уметност, а тоа можеме да го погледнеме и во другата просторија, каде на еден навистина специфичен начин се објаснати обичаите што се случуваат тука во неговиот роден град Крушево. Ова е еден од обичаите кој Мартиноски го претставува, каков обичај е овој во Крушево, што се случува на оваа негова слика?
Јас би започнал темелно од самиот почеток, во цела оваа соба како што спомнавме пред малку во неговата фаза на обнова се сретнуваат обичаите на Крушево. Имено, љубовта кон својот град, иако тој живее во Скопје, иако делува и на други места низ Европа, неговото крушевско во него не престанува. Така да тој ги прави овие неколку слики во кои ги прикажува на конкретната слика имендените во Крушево. Зошто е тоа специфично за Крушево, бидејќи оваа слика може да ни каже многу приказни, почнувајќи од етнолошкиот аспект, како биле поставени собите или одаите во крушево, дека тука се застапени тие шарени килими, чинам според формата овој килим треба да е од козина, т.е. од волна од коза. Шарените ѕидови кои доста често биле иссликани, имало богати куќи каде на ѕидовите имало толку фрески што би рекле дека се наоѓате во некоја црква. Богатите вдлабнати мусандри, витрини, гледате на таванот виси светилка, тоа се тие периоди кога иако на газиени ламби, животот во Крушево е сепак во една отмена категорија. Гледате како постарите луѓе може да видиме дека ја носат онаа стандардна крушевска носија, или дел од крушевските носии, да бидам попрецизен бидејќи имаме повеќе народи, етникуми итн. Мажот со цигара кој влегува е во алафранга, жените се исто така во тие европски модерни фустани, всушност тоа е оној период кога се прекршува, кога во крушево влегува тој европски манир на облекување. Така да оваа слика колку работи ете сега нас ни чува во сеќавање, не само како уметност, туку за сите тие обичаи, но и ентериерни решенија.
Токму така, како една архива што сѐ се случувало во минатото.
Точно, една слика голем фонд на податоци нѝ чува. Конкретниот обичај именден, исто во Крушево бил интересен и мислам се уште е делумно зачуван, со тоа што кога се слави именден на некој од мажите во Крушево, бидејќи именден слават само мажите, а не жените, вие одите во 20-30 куќи каде што има именден и целата процедура се состои од поздравување со домаќинот, давање на благослов „за многу години да е“, седнување, таблата со чашка ракија, вино, сок, бомбонче, како сте, што правите и тоа е тоа. Значи 5 минути, ќе претерам ако речам 10 минути и се станува и се продолжува во другата куќа, во третата, Крушево било врвулици од народ кога имате одредени имендени. Така да тој обичај можам да кажам дека и денес е делумно задржан, секако кај помладата популација веќе навлегуваат оние обичаи каде само поблизок круг се собираат, со поголеми трпези и така.
Наредната слика?
Како што го кажав во првата слика, еве го повторно истото и во втората слика, само сега се надоврзува точно на она што кажав, веќе имаме и насликани ѕидови. И повторно стариот член на семејството го гледаме во народната носија, додека сите останати се во една модерна европска носија. Значи надополнување на она што можи како архива да го следиме во првата слика, го има и во втората слика, но веќе типографски малку поинаку, затоа што секоја куќа имала своја приказна.
Она што е интересно, она што можам да го забележам е дека и пред повеќе од 100 години, Крушево иако една мала средина, ги следи буквално сите европски трендови од тоа време.
Апсолутно, Крушево станува центар на културата и без разлика дека тоа е малтене отфрлено место, нели на планина горе, претпоставувам заради печалбарското население кое ги пресликува работите од европските земји каде оди на печалба, но и она население кое се наоѓа во Крушево, еснафско население, кое ги прима како добри и веднаш ги користи во својот живот. На другата страна веќе може да видиме друг обичаи, т.е. обичајот на свадба, дејствијата на свадбата се случувале во домовите и повторно, да не се повторувам, ги гледаме сите тие ентериерни решенија на крушевските домови. Впечатливо е дека невестата има свое место на таа главна маса, додека останатиот дел од народот е во дворот каде прославува и се слави, а музичарите се тука во главната соба. Додека во наредната слика, каде повторно е свадбата, овде веќе го гледаме оној благослов кој невестата го бара од родителот на својот сопруг. Повторно ќе кажам, едни мали енциклопедии на крушевските обичаи ги зачувува во овие слики Мартиноски.
Да продолжиме кон наредните соби кои нудат навистина изврсни дела. И повторно ги имаме тука тие двострани скали.
Двострани скали , кои преку повторно стеснувањето не качуваат на вториот кат…
Ова е последниот кат од галеријата на Мартиновски…
Да, вториот последен, нели кажавме гостинскиот дел на староградските куќи и во долниот ходник или познат и по името чардаци и во долниот чардак и во горниот чардак, ги имаме сместено графиките на Никола Мартиновски, тоа се 21 дело на едно место со кои нема кој друг да се пофали освен оваа галерија, тоа се овие слики и во долниот чардак во кои можат да се видат повеќето техники покрај графика, линорез, дрворез, линорез во боја. Меѓу кои тие во боја кои ги спомнавме се приметуваат од таму и нели додавките овде, што е интересно што тој овде ги опфаќа младите луѓе, децата, младинците, нивниот живот, но ете баш тука на оваа графика може да се примети и доилка. Значи покрај неговите доилки кои ги има во сликите на платно со боја, овде ја гледаме доилката и во еден друг формат нели во црно бела боја.
Кога станува збор за доилките, тука имаме можеби една од најпознатите негови слики, што се наоѓа во следната соба, која што според оние информации како што ги имам, Македонија или Југославија во тој период тешко си ја повраќа од Париз каде што била на изложба, поради нејзината вредност мислам дека не сакаат да ја дадат парижаните назад, но ете се успева преку тие дипломатски канали.
Тоа е интересна приказна би рекол околу нејзиното патешествие за време на периодот кога била дадена на изложба во Париз, како приказна ја имам слушнато и јас, но ете колку и да сакав, колку и да пробував да најдам реални податоци, реални докази за тој настан, ете не можам да го потврдам дека тоа така било или само е една легенда која ја следи убавината на оваа слика.
Токму тие легенди најчесто произлегуваат од навистина маестралното дело кое што сега ќе имаме ете можност да го погледнеме, а тоа се наоѓа во овој ќош на оваа просторија.
„Македонска Мона Лиза“, во ликот на најубавата доилка би сакал ете да и дадам таква чест на оваа слика, бидејќи не е една и единствена доилка која тој ја слика, импресиониран од маките од жените, ред се и жените како мајки, жените како столбови на една куќа или на едно семејство, тој ги слика во најблагодатната фаза нели во фазата кога тие го хранат своето чедо. Така да, многу често и има во своите дела, но оваа би ја одвоил како најдобра. Кога веќе сме дојдени до овој дел на неговото творештво, а би сакал да кажам дека тој не престанува да работи и во периодот на втората светска војна, тој се повлекува од Скопје во Крушево бидејќи веќе нема своја куќа, неговата куќа е уништена за време на бомбардирањето на Крушевската Република, тој живее кај својот шура и воедно шурата кој е воедно партизан му прави негов портрет. Така да покрај останатите дела кои го отсликуваат периодот на Втората светска војна, т.е. го означуваат торештвото негово во Втора светска војна, може да се види и овој лик на неговиот шура кој го поврзува дирекно со неговата врска со Крушево.
После тоа, може да ги приметиме или да ги забележеме неговите дела, мртвата природа, доста застапените пастрмки кои ги слика со нивните специфични карактеристики, на секој слика посебно, ѓумот како еден од стандардните домашни садови во секоја крушевска куќа, но и една слика на овој ѕид ќе видиме која е насликана 1948 година, која се вика Илинден. Тука е вскушност претставена борбата, епската борба, на Мечкин Камен, каде што последниот напад на османлиската бојска која доаѓа од битолскиот гарнизон го напаѓа војводата Питу Гули и со навистина големи тешкотии го зазема и послениот дел од бастионот на револуцијата. Но повторно ќе кажам што ќе прочитаме на оваа книга или што всушност се содржи во оваа книга. Интересно е да имаме тука и една претстава на еден топ, но видете ја и оваа фигура, оваа фигура е човек востаник, кој во рацете држи камен. 1948 година, кога ние би го посетиле споменикот Илинден, кој е изграден 1974 година, Јордан Грабул, на една од галериите оформени во прозорите, прави една фигура на човек со камен во рацете. Значи, тоа е 1974та година и последно на самото место на Мечкин Камен, Димо Тодоровски ја прави повторно скулптурата на човекот со камен во рацете. Јас не сакам да тврдам или да правам некои посебни да речам илузии, но чинам дека точно оваа слика на Никола Мартиновски, точно овој дел на оваа слика, е иницијатива за правење на тие други делови, па и споменикот на Мечкин Камен. Секако тоа се современици, тоа се автори од современата македонска уметност, меѓу себе доста контактибилни, ги знаат делата на своите современици, така да ете многу интересно софпаѓање па јас мислам дека сето тоа поттикнува точно од оваа слика.
Навистина интересни моменти, и за крај ни остана уше една просторија, со сликите на великанот Мартиновски, па да ја погледнеме и неа. Како што можеме да погледнеме, еве тука имаме уше една доилка, од Мартиновски е една од многубројните негови вакви навистина прекрасни дела.
Точно, но тука се наоѓа уште една слика, која ја претставува неговата специфичност во сликањето, гледате какви се тие карикатурални тела, фигури, издолжени, танки, но повторно тука го наоѓаме она што сакал експресилно да ни го покаже Мартиновски, а тоа се игранките кои биле синоним на неколку генерации после војната, така да и самото име на сликата која се нарекува „Електрични гитари“, ни ги покажува тие игранки, тие веселби, кои се случувале во еден ден од седмицата.
Во продолжение ги гледаме нели повторно пастрмките и 2 впечатливи слики кои нема да згрешам ако речам дека се навистина реткост, се работи за масло на стакло, кое се слика од задната страна на стаклото. Дефинитивно техника која еве гледате колкав простор поминавме, меѓутоа оваа техника ја среќаваме само тука и само на овие две слики. Обратно е сликањето и е со масло на стакло, една претпоставувам потешка форма и техника, за разлика од маслото на канваз или цртежот, графика и тн.
И еве неколку зборови, цело време со нас го носите каталогот, а тоа е најновото дело од оваа установа Галеријата на Мартиновски кој што излезе наменет токму за целиот овој објект. Практично ја раскажува на некој начин приказната галерија Мартиновски и тоа е ваше авторско дело.
Точно така, тоа е каталогот кој после ќе речам неколку каталози кои биле направени од отворањето на оваа установа, кои генерално се задржуваат на преписот на проф. Борис Петкоски, и начелното претставување на дел од делата кои се во оваа галерија, ние немавме податоци за севкупните дела на оваа галерија како и нормално скратен дел, но сепак од целиот период на неговиот живот. Во овој каталог успеав да ги поместам и архитектонските карактеристики на самиот објект како нормално и биографијата на авторот Никола Мартиновски. Овој каталог ги содржи точно сите дела кои се овде во оваа поставка која ја имаме ние во националната установа. Се надевам дека нареден период ќе имаме втор каталог, но тоа ќе биде каталог кога ќе имаме една малку своевидно поизменета изложба, секако тоа неможе да биде за брзо време, сака многу поголема работа, но се надевам дека ќе имаме малку поинаква поставка во галеријата.
И како што го започнавме ова наше видео со архитектурата, со староградската крушевска архитектура и тоа каков бил животот пред 100 и повеќе години, еве за крај да погледнеме како изгледала една соба од 19ти век, за тоа каков бил животот на крушевчани во тој период.
Да, повелете.
Е ова е таа соба, како што гледаме имаме и столици, маса, стари фотографии, а можеме и да седнеме да одмориме.
Да видиме како тие се чуствувале кога ќе седнеле тука.
Дали ова е класичен изглед на една староградска крушевска дневна соба?
Да, би рекол дека влегува во тие класични форми или модели, но секако од одреден сталеж, значи не секој во смисол на економската моќ, или во добиените сознанија имал вакви соби. Генерално „канабето“ како „канабе“ е присутно во тие гостински делови.
Зборувме за овој простор за седење?
Да, тоа е таа дрвена клупа која се нарекува „канабе“, плетените сламени столици кои голем дел од Крушево се уште ги имаме можеби како една своевидна старина, друго што овде можеме да видеме е шарениот килим, домашно ткаен, килимите во Крушево ги ткаеле малтене ајде да не претерам, но во секоја втора куќа. И она што е интересно од архитектонскиот карактер, секако во ентериерните делови е огништето. Приметивме дека во цела конструкција на на куќата, прозорите се најповеќе од источно – јужниот дел, т.е. од делот каде што доаѓа светлина и топлина. За разлика од тоа, северниот ѕид нема прозори, освен во чардаците каде што има по еден прозорец заради светлината. Северниот ѕид се користел исклучиво за огништата бидејќи овие дебели камени ѕидови се многу голема изолација, како за во лето така и за во зима. Но проблемот за греење во зима со ваквот материјал е тоа што тој камен тешко се загрева, за да вие добиете топлина во просторијата, мора да го загреете малку подолго и повеќе. Со тоа што огништето е во тој ѕид, фактичи самиот ѕид многу побрзо се загрева, кој однадвор е најладен, нели на ударот на север, се служеле со доста мудри архитектонски солуции и делови.
Ви благодарам за целиот овој разговор, се надевам дека ќе им биде интересен и на гледачите и дека доловивме навистина интересни нови моменти од ликот и делото на нашиот великан Никола Мартиновски и дека оној кој што не бил, ќе дојде во Крушево, ќе ја посети оваа галерија, навистина има што да се види и дека и понатаму овој музеј ќе биде еден од најпосетуваните не само во Крушево туку и во целата наша држава.
Апсолутно, и јас ги делам вашите надежи, убаво е да секој човек во една мала држава како што сме ние да се пофали со посетата на оваа галерија, бидејќи покрај уметноста и етнологијата, етнолошките делови кои можат да се видат и сите овие приказни кои ги раскажавме мислам дека ќе биде секој човек уште позадоволен.
Уште еднаш ви посакувам да погледенеме и втор дел од каталогот каде што подетално ќе бидат обработени сите овие фотографии и слики кои што ги имаме од уметникот Мартиновски.
Се надевам, благодарам.
Ова видео е дел од рубриката Збор 2 на порталот Инфо Компас поддржано од Министерството за култура во програмата од Национален интерес во културата од областа на заштита на недвижното културно наследство и заштита на aудиовизуелни добра за 2024 година.