Два турски „ер трактори“ и еден хеликоптер ќе помагаат во гаснењето на пожарите низ државава

Два турски авиони за гаснење пожар „ер трактори“ и еден хеликоптер се вклучуваат во гаснењето на пожарите што ја зафатија земјава. Директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК), Стојанче Ангелов информира дека тие рано утрово слетале на аеродромот во Скопје.

Двата турски „ер трактора“, заедно со два „ер трактора“ на Дирекцијата за заштита и спасување, ќе интервенираат на пожарот во општина Ново Село, а еден полициски хеликоптер рано утрово веќе започнал со гасење на пожарот на планината Серта, а набргу на него се очекува да му се приклучи и еден армиски хеликоптер и турскиот хеликоптер.

Ангелов вели дека денес фокусот ќе биде ставен на овие два пожара. Се гаси и од земја со значителен број на пожарникари, претставници од ловните друштва, месното население и припадниците на Армијата и Едницата за брзо распоредување при МВР.

„Се работи за исклучително тежок терен каде има бујна вегетација што го отежнува движењето на луѓето по терен така што многу е тешко да се дојде до горливите точки. Во текот на вчерашниот ден, благодарение на припадниците на Армијата, успеавме да изгаснеме неколку критични точки, а помогнаа и припадниците од Единицата за брзо распоредување при МВР. Денес на помош повторно имаме 103 припадника на македонската Армија и 30 припадници од Единицата за брзо распоредување на МВР“, изјави Ангелов.

Како што најави Ангелов, се договара дополнителна помош во воздухоплови.

Во земјава е прогласена кризна состојба во траење од 30 дена, а утринава од ЦУК информираа дека активни се девет пожари.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи