Наш соговорник во ова интервју е Пеце Свеќароски или Сабато како што многумина го знаат. Инаку Пеце е навистина еден препознатлив урбан прилепски лик кој го знаат буквално сите генерации, и постарите и помладите. Човек со кој има навистина многу за што да се поразговара и околу музиката и околу неговото навистина интересно хоби, неговата пасија, возењето на мотори. Исто така поразговаравме и за хортикултурното уредување на градот, односно како вработен во ЈКП „Комуналец“ тој е одговорен за Паркот кај судот каде што го правевме ова интервју.
Како што кажавме, твојот прекар што го знаат сите прилепчани е Сабато?
Да, ете по ова. ( Ја покажува блузата со Black Sabbath ).
По групата Блек Сабат. Таа е твоја омилена група?
Да.
Од дете?
Да, од дете и ми остана како прекар, секој еден во Прилеп има прекар, неизбежно е.
Се препознаваме ние по прекарите.
Точно по прекарите, на име редок случај, само фамилијата нѐ знае, инаку на прекари повеќето.
Колкумина те викаат Пеце, колкумина те викаат Сабато?
Повеќето луѓе ме викаат Сабато.
Не ни знаат како се викаш?
Да, има некои што не знаат стварно. Имаше случаеви кога доаѓаа кај мене дома и тука е Сабато? Ова уште како деца, а моите во прво време не знаеја и кога прашаа им викам абе мене ме викаат така на прекар. Па добро кажи да знаеме што да им кажуваме на децава, на луѓево. Додека бевме како млади, сега веќе е подруго.
Се уште сме млади.
Да, се уште сме млади. Тогаш бевме деца, сега сме само млади. 🙂
Кажи ми како дојде во допир со рок музиката, потоа со метал музиката, како беа тие твои почетоци?
Тоа беше случајност, еден од комшиите слушаше рокенрол и со мојата радозналост да видам што слушнав еден албум од Блек Сабат.
Кој албум?
Master of Reallity, и тоа и ми остана. Ај во прво време да слушниш нешто ново што не си слушнал досега, а потоа сфаќаш дека некои песни кои се вртеа по радија во тоа време се дел од тој рокенрол и полека натаму несакајќи навлегуваш повеќе во тоа и самото тоа навлегува во крвта.
Колку години имаше тогаш?
Тогаш имав 14 години, а сега имам 49. Потоа останува како некоја не зависност, туку не можеш да се оттргнеш и да сакаш, затоа што самиот звук те понесува.
Што значи за тебе рокенролот?
Начин на живот, слобода, живот без предрасуди, живот комплетно во слободен стил без да се ограничуваш, не јас сум тој.
Тој начин на живот го задржа и до денес?
И ден денес така живеам. Работев долго време со бендови како тапанар.
Тоа сакав да кажам, дека освен што си љубител на таа музика и јас слушаш, исто така ти си и музичар.
Можам да речам музичар аматер.
Кој беше твојот прв бенд?
Имавме по 15 години и се договоривме да свириме, секој купивме по некој инструмент, јас имав љубов према тапаните и си го купив тој инструмент и направивме еден бенд Антисистем, тоа беше тогашно аматерско рокерско свирење.
Прилепски бенд?
Да прилепски бенд.
Кои беа членови?
Игор Бело и Диме Попоски, тројца бевме и свиревме само на еден хард кор фестивал во Скопје во 1992 година, во клуб Кодекс во универзитетот Св. Кирил и Методиј во подрумот. Таму ја направивме првата свирка на тој фестивал и бендот потоа се распадна. Потоа свирев во Hell Child, како хеви метал, почнавме да навлегуваме како музичари во музицирањето и почнавме хеви метал да свириме. Тој хеви метал беше нормално полн со енергија, како деца имаш повеќе енергија, повеќе од себе да понудиш, не дека сега немам што да понудам, ама тогаш беше подруго времето. Потоа бендот се преименува во Сиера, а после еден подолг период се преименува во Кома и така нѐ запозна и публиката, учествувавме на некои фестивали со свои свирки, низ градов, надвор од градов.
Имавте авторска музика?
Да, комплетно авторска музика свиревме, избегнувавме да свириме туѓи песни затоа што тогаш имаше навала на тужби од другите бендови со преработките, иако кај нас овде никој немаше ни да знае, но ние работевме во тој фазон, хеви металот си го свиревме со свои авторски песни. Свиревме претежно во Прилеп, Скопје, Куманово, Крушево. Инаку името го влечевме на Радио телевизија Прилеп, беа ставени 4 имиња и Пеце Момироски, кој сега е во Америка, се сеќавате на него, тој беше водител на емисијата Калеидоскоп и кај него во емисија го влечевме името и остана Кома. Тој бенд функционираше до 99 година, последната свирка беше на Поп-рок фест. Во 96 година се оформи исто хард кор бенд Brain Ghetto, со него го имавме едно од најголемите достигнувања што го имавме постигнато тогаш во тој временски период, имавме направено турнеја низ Босна и Херцеговина. Со тој бенд правевме многу свирки, имавме издадено и еден албум и тоа во Малезија, тогаш сакавме и турнеја да правиме низ Малезија, но со тогашната светска политичка сцена бевме стопирани да заминеме. Но во секој случај тука правевме повеќе свирки низ Македонија, во една прилика бевме изненадени во Скопје кога публиката ни ги пееше песни, значи после издавањето на тој албум. Тогаш немаше интернет па да може да те следи и на Јутуб да те преслуша, значи набавиле од некаде ЦД или касета и тоа беше стварно голем успех, се чувствувавме исполнето, публиката пее заедно со тебе, значи се чувствуваш исполнето, дека си на сцена, дека ти си тој што треба да биде тука поставен.
Сега си музички активен или не?
Моментално активен само за себе, за по дома. Инаку претежно по мото забавите некогаш од време на време знам да направам некои испади, да се качам на сцена и да истропам некоја песна, тоа моментално те понесува самата еуфорија и тогаш самото излегува од тебе, не можеш да го задржиш. Сепак има нешто што греби од внатре.
Последната група во која што свиреше?
Тоа беше измешан бенд, беше од Скопје, Кавадарци и Прилеп, се викаше Wings of God, тоа беше треш метал бенд и свиревме на неколку свирки во Скопје, а последната свирка ни беше направена во Приштина на еден фестивал каде повеќето беа косовски бендови. Само ние бевме надвор од Косово и имаше еден бенд од Албанија. Бевме стварно добро пречекани, мислам дека имаше некое чувство на америчка сцена, слегувајќи од сцена во буквална смисла се почувствував музичар, публиката те чека, те трга за да се слика, дотогаш го немав осетено тоа чувство, во Косово го осетив и тогаш сфатив дека стварно биле жедни за рокенрол.
Бевте член и на Бен Хур ако не се лажам?
Не, во Бен Хур сум учествувал како гостин, на 2 од нивните спотови. Прво бев поканет како гостин да се појавам на спотот за песната „Ова време е за нас“ во 2003 година, снимен во Марко Цепенков, а вториот спот беше снимен на Маркови Кули и беше под покровителство на владата, имаше конкурс за кој бенд ќе сними најдобар спот да добие 8.000 евра награда.
Ако правиме споредба од времето на вашата младост, рокот, рокенролот, хеви металот во тоа време, каде се собиравте, како се забавувавте, каква е сега ситуацијата во Македонија, во Прилеп?
Секоја генерација си носи свое, ние растевме не еден друг начин, ние растевме претежно со преголема љубов кон музиката од причина што не можевме да дојдиме до музика. Порачувавме еден касета, еден албум и тој ќе го заврти во рок од еден месец пола град, имаш од снимка – снимка – снимка – снимка и кога ќе дојди веќе до 10-та снимка таа е избледена, но упорно ја слушаш, ако е избледена. Ќе го преслушаш упорно и кога ќе го набавиш со чиста снимка уште подобро ти е. За разлика од тоа, на сегашниве генерации сѐ им е на дофат, на интернет комплетно сѐ има, што и да посакаш, не мора Јутуб, има еден куп други музички канали каде може да си најдиш сѐ што те интересира од страна на музика, сѐ им е достапно. Мислам дека и тие слушаат како и ние што слушавме, барем се надевам го слушаат тој жанр на музика, тој хеви метал, рокенрол или небитно, андерграунд сцена да речам. Стварно и сега има дечки, од генерациите наши деца нивни, кои работат со доста љубов, со доста добра музичка подлога и се добро уиграни како бендови. Последно време следам неколку фестивали кои се одржуваат низ државава, концерти се прават каде можиш да слушниш добра музика од деца полни со енергија, во нив има енергија, можиш да слушниш доста квалитетен звук.
Спомнавте исто така и моторијади.
Има, но тоа се претежно мото фестивали, мото журки кои ги организираат мото клубови од Македонија.
Тоа е она второто за кое сакам да поразговарам со тебе, а тоа е овој прекрасен мотор позади нас што имавме можност да го видиме со кој пристигна тука во паркот. Покрај музиката, таа е уште една твоја пасија, втора љубов.
Прва беше рокенролот, тоа беше андерграунд сцената. Во таа андерграунд сцена, бидејќи луѓето почнаа да бегаат од државава, бендовите почнаа да се распаѓаат и одлучив да си земам мотор за уживање, тоа е мотор за уживање.
Кога го зедовте моторот?
Во оние америки филмови, рокенролот оди претежно со чопер. Јас сакав да возам мотор уште како дете, кога сфатив дека ми треба некаква андерграунд сцена ја најдов во тие мото забави и го продолжив тој андерграунд стил, андерграунд живот со моторот.
Член сте на Sons of Thunder?
Да, тоа е MC клуб во Прилеп, со кој имаме клуб-хаус во склоп на Партизанка. Клубот организира забава на 14 септември која ја правиме секоја година но варира датумот, минатата година беше на 9-ти веднаш после празникот, годинава гледавме да погодиме некои датуми и одлучивме да биде на 14 септември. Како клуб сакаме да ја рашириме мото културата низ Македонија.
Дали тука во мото возењето ја најдовте онаа втора слобода покрај музиката, исто така и начин на живот?
Затоа и го одбрав тоа, бев во потрага за нешто што има адреналин во него за да можеш да живееш, таа андерграунд сцена што ја нарекувам често пати и тука го најдов тоа. Сега живеам на тој начин, има мото забави и скоро секаде сме присутни низ државава, а и надвор од неа одиме како клуб. Има рок бендови кои свират по мото забавите, затоа викам тука го најдов тоа што ми беше потребно, а имам и љубов и према возењето. Во прво време имаш проблем со групното возење, потоа полека го совладуваш тоа и се навикнуваш, чувството кога гледаш група на мотори како на видео снимки што гледаме цели групи на мотори кои возат заедно, тоа чувство е неописливо, да се најдеш меѓу мотори пред и зад тебе, адреналинот во себе пука, јас тука се пронајдов и продолжив со тоа.
Она што го спомна на почетокот на ова интервју е начинот на живот, односно работата што ја работите во овој момент, а тоа хортикултурното уредување на овој парк каде што седиме, односно Паркот кај судот.
Тука сум вработен и од тука егзистирам, во ЈКП Комуналец.
Како дојде да се вработите во Комуналец?
На среќа, на тогашниот директор во 2005 година, Златко Ристески – Џекчето, појдов и му побарав работа, бев упатен од некои луѓе, рекоа види прашај го. Јас појдов, директорот ме прими на разговор и од никаде ми вика утре сабајле те чекам во 7 да се појавиш овде пред мене. Ми кажа колкава е платата и јас во моментот се збунив, човекот ми кажува нешто, кога ми рече во 7 да се појавиш овде јас да те видам, не знаев што да му одговорам. Знаете сите во тоа време беше криза за работа во државава, општо, така да преблагодарен сум и цел живот ќе му бидам благодарен за тоа што сега моментално сум тука вработен во ЈКП Комуналец. Задоволен сум од работата, среќен сум, ме исполнува, не можам да речам дека не е така, ако ја сакаш работата кога ќе си појдиш дома на да чувствуваш умор. Значи секоја една работа, ако си задоволен од неа нема да чувстуваш умор, а ако ја работиш со сила, колку да се речи дека работиш, почнуваш дома да си одиш преморен. Временските услови си се временски услови, летно време е жешко, зимно време е ладно, но кога веќе си ја одбрал како професија од која егзистираш, биди задоволен и сакај ја работата. Доколку ја сакаш и таа ќе те сака, тоа е непишано правило, исто и она доколку го сакаш и тоа ќе те сака, доколку го чуваш ќе те чува. Исто и со тапаните, доколку ги сакаш и ги тропаш и тие ќе те сакаат, ќе те поддржуваат, ќе те мотивираат за уште повеќе, така да исто е и со ова.
Пеце ти благодарам за издвоеното време и за тоа што имавме можност да го направиме ова интервју, се надевам дека многумина се потсетија на младоста, на рокенролот, на времето кога се одржуваа тие забави во Прилеп, кога се излегуваше и се надевам дека повторно ќе те видиме во некој музички спот, но и со некој нов бенд.
Ви благодарам и вас на поканата, мило ми беше што ви бев гостин во ова интервју и што поразговаравме лично тука во паркот, се надевам дека ќе има нешто ново, некој нов бенд. Повелете и на 14 септември во склоп на Партизанка во клуб-хаусот каде ќе биде мото забавата, повелете слободно да видите дел од таа мото култура и дел од тие мото забави што се одвиваат кај нас.