Продолжува борбата со огнените стихии низ државава – пристигнаа и романски авиони кои ќе помагаат во гаснењето

Романските авиони „Спартан“ и „Херкул“, кои како дел од меѓународната помош се испратени во Македонија, слетаа на скопскиот аеродром. Директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов информира дека авионите наскоро ќе се вклучат во гаснењето на пожарите кои се активни во земјава.

Романскиот „Спартан“ ќе гасне пожари со таканаречени водни бомби од пет тони, додека „Херкул“ ќе биде негова логистичка поддршка.

„Бидејќи пожарот под Солунска глава се одвива на исклучително тешко пристапен, а на поголем дел и непристапен терен ќе биде упатен романскиот „Спартан“ кој ќе фрли во еден налет пет тони вода, по што ќе биде одлучено како ќе се постапи понатаму. Карактеристично за „Спартан“ е тоа што на местото каде ги фрла таканаречените водни бомби, не смее на има луѓе на земја, бидејќи водните бомби претставуваат опасност за нив“, изјави директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов.

Ова нема да биде прва акција за романскиот „Спартан“ во нашата држава, бидејќи истиот гаснеше пожари во Македонија и во 2021 година.

Од ЦУК утрово информираа дека во последното деноноќие имало вкупно 38 пожари на отворено од кои активни се 18.

По одржаниот утрински брифинг, пилотите ги кренаа воздухопловите и се упатија кон пожарите кои беснеат во Македонија, за нивно гаснење.

Ангелов утринава информираше дека кон пожарот на планината Серта во неготинскиот дел се испратени четири хеликоптери, два армиски, еден хеликоптер на МВР и црногорскиот хеликоптер. Кон пожарот на територија на Гевгелија, над селото Негорци ќе полетаат два словенечки хеликоптери.

Пожарот на територија на Општина Ново Село, на планината Огражден на македонско-бугарска граница ќе го гаснат еден голем српски хеликоптер кој носи пет тони вода и еден голем турски хеликоптер.

Ангелов информира дека во текот на денот ќе полетаат и сите Ер трактори, три на ДЗС и два турски заедно со хрватскиот канадер кон планината Серта од штипска страна.

„Ќе се обидеме денес да воспоставиме контрола на големиот пожар на планината Серта. На сите места каде ќе дејствуваат возддухопловите на земја има и противпожарни единици на кои им се приклучуваат 100 војници на АРМ и 30-тина припадници на полицијата“, истакна Ангелов.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи