Основниот суд во Прилеп го одби барањето на жителите од селото Оревоец кои бараат воведување времена мерка за забрана на работа кај ископот за тампон на Бехтел и Енка кој се наоѓа на само неколку стотини метри од ова населено место. Жителите ја обжалиле пресудата на Апелација и очекуваат укинување на оваа одлука на Основен.
„Се надеваме дека Апелациониот суд од Битола ќе обрне внимание на основот за донесување на привремената мерка, заради обезбедување на непаричното побарување, кое подразбира спречување на идна штета преку сочувување на изворите за вода за пиење, зачувување на животната средина и природата и здравјето на жителите“, вели Жарко Стеваноски, адвокат.
Жителите велат дека се разочарани од македонското судство кое и покрај сите докази дека тука не треба да има ископ не донесува пресуда во интерес на граѓаните.
„Зошто во овој случај нема времена мерка за забрана кога вештакот кажува дека можат да се нарушат сите извори на вода, дека изворите на вода можат да го сменат текот на движење, дека можи селото да остани без вода и на сите тие изјави на вештите лица не ми е јасно како судијката може да не даде времена мерка забрана. Еден извор на вода ни пробија, а сега деновиве има уште поголеми последици, затоа што езерото во Плетвар, кое постои од памтивек веќе го нема, пресуши скрос“, додаде Рујан Рујаноски, жител на село Оревоец.
Од друга страна жителите веќе оствариле одредени средби со новите институции и очекуваат и вонсудска разврска на случајот.
„Воспоставивме контакт со преставници од Бехтел и Енка, конструктивен состанок на кој е договорено еден заеднички состанок со министерот за транспорт и врски, директорот на ЈП за Државни патишта. Се надевам дека ќе најдеме заедничко решение и проблемот ќе се надмине надвор од судската постапка“, кажа Стеваноски.
Инаку протестите и блокадите продолжуваат се до конечно решавање на случајот.