ВИДЕО – Македонските воздухопловни спортови во подем, наша екипа на Европското првенство во Романија, во август Светското првенство во Прилеп


Наши соговорници во ова интервју се Здравко Тодороски, претседател на воздухопловниот клуб „Фил Феникс“, но исто така и селектор на македонската репрезентација и организатор на Светското првенство, Станислав Најдоски кој исто така е дел од организацијата, како Лука Најдоски и Димче Велкоски кои ќе бидат учесници на Европското првенство во Романија, а повод за разговорот е Европското првенство во воздухопловно моделарство кое што во вторник ќе се одржи во Романија, но исто така и организирањето на Светското првенство во месец август во Прилеп.

Овој разговор го започнуваме со претседателот на клубот, Здравко Тодороски. Господине Тодороски, како што најавивме 2 навистина големи поводи за македонското воздухопловно моделарство, Европското првенство и Светското првенство. Како одат подготовките, кога заминува нашата репрезентација за Романија?

Тодороски: Фала на честа што можеме да ги информираме гледачите за овие за нас престижни настани. Секој натпревар за спортистите е значаен, но кога се спомнува Европско или Светско првенство тоа е веќе престижно и само по себе носи огромни тежини и обврски, но и одговорности пред се. Спортистите се спремаат цела година за овие настани, Европското првенство поради тоа што е сениорско само по себе има посебна тежина од аспект на тоа што Европа е центарот на спортското воздухопловно моделарство и на Европското првенство буквално ќе биде присутен врвот во оваа спортска категорија. Нашите натпреварувачи како дел од репрезентација која што за жал не е комплетна, ја имаме екипата само во едрилици, тргнуваат на 20 јули, со сите оние протоколи кои таму ги очекуваат. Треба да настапат во вторник, како екипа се веќе уиграни, очекуваме пред се добри резултати и максимум кој може да се добие од нивна страна. Истовремено течат подготовките за Светското јуниорско првенство кое се одржува во Прилеп од 6 до 10 август, со тоа што како преднатпревар ќе биде натпреварот од Светскиот куп Прилеп Трофеј, во Прилеп, кој ќе се одржи за време на викендот на 3 и 4 август, на летилиштето покрај село Веселчани.

Како што кажавме господине Најдоски, Европското првенство е место каде ќе се собере буквално кремот од Европа во овој спорт. Како течеа подготовките за македонската репрезентација, како се подготвуваа и очекувањата?

Најдоски: Малку е специфично прашањето, подготовките започнуваат пред се во работилница во зимскиот период или во врнежливи денови ние моделите ги припремаме за на терен. Сега моментално сме само на терен, напорно е, треба многу мислење, овие нови генерации на модели се покомплексни, има доста електроника во нив, композитни материјали. Специфично е во тоа што ние во нашево општество ние немаме доволно поткрепа, не е развиено толку моделарството, па се снајдуваме со колеги од другите држави, се трудиме, но е премногу сложено.

Нашата репрезентација ќе биде составена од 4 членови?

Најдоски: Нашата репрезентација е во состав од 3 машки и 1 девојче, јас и мојот колега одиме како помошници, што значи ние најголемиот товар таму треба да го искрепиме, ние треба да бидеме на стартот, да одиме по модели, вода, бидејќи премногу е жешко и високи се температурите и сите други околности каде ние треба да им помогнеме на нашите репрезентативци да имаат успешен натпревар.

Во категоријата Ф1А, односно едрилици за слободен лет?

Најдоски: Да ние одиме само во Ф1А категорија, со еден најстар член, мислам дека и најстар е и на Европското, и еден најмал член кој исто така е најмал на Европското, како и девојка.

Како што кажавме, најмладиот и настариот член на Европското првенство. Лука, какво е чувството да се биде дел од овој значаен меѓународен настан.

Најдоски: Чувството е доста возбудливо, ние работиме секој ден на тоа да се подобриме и да ги спремиме нашите едрилици модели за на терен и на секакви услови кои можат да не пречекаат таму. Одиме и рано наутро да тренираме, а и во доцните вечерни часови со цел да тренираме на различни температури, различни густини на воздух и различни услови. Работиме доста напорно, се спремаме, пробуваме да го пробиеме стравот, да бидеме опуштени и да немаме проблем во летањето и во текот на натпреварот.

Колку овој спорт е популарен кај твоите врсници во Македонија?

Најдоски: Не е баш популарен, бидејќи за овој спорт доста и немаат слушнато, се уште мислат дека е нешто што не е толку значајно, не е толку важно. Би било убаво да се подобри, но ете, нема доволно услови за тоа да се случи.

Потребна е значи негова поголема популаризација и поддршка од страна на институциите на државата?

Најдоски: Да, доста е потребно сето тоа, поддршка, рекламирање, со цел да се одржи и да стекни некое ниво овој спорт.

Значи за оние кои не се запознати, тоа е категоријата Ф1А едрилици, односно целта е едрилицата да остане во воздух што е можно повеќе време, тогаш тој победува?

Најдоски: Да тоа е целта, натпреварот се содржи од 5 тирнуси, до 7, зависи од видот на натпреварот, но најчесто се 5. Во секој турнус има одредено максимално време на лет на моделот, а најчесто тоа е 4 и 3 минути. Отстапка од тоа прави флај-офот кога сите тие 5 турнуси ќе се наполнат со максимално време на летање и таму во флај-оф има веќе дупло повеќе од нормалниот турнус, пример до 8 минути, 6, 10 минути, зависи од бројот на натпреварувачи во флај-оф.

Значи едрилицата полетува со тоа што се трга со сајла и се откачува во одреден момент?

Најдоски: Да, тоа е суштината, но во тоа има и други техники, пример треба да се врти, додека е на сајла моделот добива команда за да направи круг и да се крени горе. Со тоа ние имаме можност да го вртиме моделот и да летаме подолго време додека не најдеме термика. Термиката е топол воздух што крева нагоре и кога ќе ги најдеме тоа ние го откачуваме моделот и тој продолжува сам да лета, без никаква контрола од земја и се трудиме да ги излета тие 4-5 минути, колку и да треба.

Лука во моментот е 4 на светската ранг листа во поединечна категорија, дали може да типуваме некои очекувања сега на овие првенства што доаѓаат, или тешко е да се каже?

Најдоски: Па треба да очекуваме, не смеам да се предадам, морам да работам силно и напорно и да се трудам да ги освојам.

Освен иднината на македонското воздухопловно моделарство, тука го имаме и најстариот член, најискуниот. Што можеме да кажеме за развојот на  овој спорт кај нас?

Велкоски: Развојот зависи од периодот, некогаш беше подобро, некогаш полошо, сега моментално нема масовност голема за разлика од претходните години. Инаку јас сум со овој спорт 56 години и имам видено секакви услови, но нема голема поддршка во Македонија, за разлика од другите земји низ  Европа каде многу е развиено, многу се вложува во тоа и многу се напредни. Што да кажам, треба многу физички припреми, има многу трчање, многу е напорно.

Покрај физичките припреми, тука е и психичката подготвеност за учество на овие натпревари?

Велкоски: Да, секако е важно да се издржи психички, бидејќи и долго трае еден натпревар, сега е најмалку 7 часа, значи 7 часа треба да бидеш подготвен да го издржиш тоа и физички и психички, голем напор.

Ретки се луѓето како вас што еве до 71 година успеале да се одржат со занимавање со овој спорт. Вашите очекувања за Европското првенство?

Велкоски: Па се надевам, доста тренирав, се уште не се предавам, така да дури може ќе се бориме.

Која е вашата порака за младите луѓе, за врсници од Лука, но и за државните институции, како овој спорт според вас би можел да се подобри? Рековте над 5 децении се занимавате, сте поминале многу, сте виделе многу, кога биле златните години на овој спорт и како можат тие да се вратат?

Велкоски: Златните години беа додека беше Југославија, како држава општо беше подруго организирано, но сега некако повеќе самите се бориме, самата Федерација не е толку активна. Мора да се придонесе тука, за развојот на младите многу добро и физички и технички се остручуваат, се насочуваат кон техника воопшто.

Господине Тодороски како што кажавме на почетокот на овој разговор, иако нема голема поддршка, сепак ентузијазмот кај вас и сите оние кои се занимаваат со овој спорт нималку не е паднат, така да можеби поради сето тоа е причини што кај нас се организираат и голем број европски и светски првенства, европски купови се имаат одржувано тука во Прилеп и може да кажеме дека Прилеп станува центар за развојот на овој спорт и во поширокиот регион. Да го најавиме уште еднаш и Светското првенство кое ќе се случува во месец август, колку се досега пријавени, од колку држави и како тече цела таа организација?

 Тодороски: Пред се морам да кажам дека навистина Македонија е привилигирана со можноста да организира натпревари од највисок ранг, светски или европски првенства. Тешко се дојде до тоа, од 2000 година преку организација на натпреварите од Светскиот куп Прилеп, или Македонија куп успеавме да се докажеме, пред се дека сме способни, дека имаме капацитети и потенцијали да организираме врвни натпревари. Како резултат на тоа дојде првото Светско јуниорско првенство во 2016 година, кое го организиравме безпрекорно, така да веднаш после тоа имајќи го Маеѓународната федерација на увид сето тоа што се направи, веднаш после тоа ние и самите бевме понудувани од нивна страна да земеме организација на таков тип на натпревари. Така да дојде 2017 Европско јуниорско, 2019 Европско јуниорско, 2020 поради ковид ситуацијата Европско сениорско првенство не се одржа, но истото го добивме во 2022 година. Што значи ова е веќе петто првенство од највисок ранг, кое ќе се организира кај нас. Тоа е потврда на квалитетот воопшто, на кадрите кои работат во Воздухопловната федерација на Македонија, во нашиот клуб, во нашиот град кој долги години е центар на спортското моделарство, посебно на воздухопловното, така да имајќи го тоа во предвид јас сум почестен што еве и оваа година ја имаме можноста да направиме нешто добро за воздухопловните спортови пред се. Моја интенција беше да се земат јуниорски натпревари, пред се поради тоа што мораме да работиме на мотивација и ангажирање на младите потенцијали кои ги имаме. Рекоа колегите дека нема многу, да сепак ова е спорт кој не може да има голема масовност како што имаше порано поради икс причини, порано имаше преку училиштата по предметот ОТП ангажирање на наставници, па групи, па обука преку клубови која после тоа продуцираше кадри. Но времињата се сменија, јас мислам дека одиме во добар правец, прво да опстани како категорија, како воздухопловен спорт, второ да се развива, трето да има помладок и четврто што е и најбитно е да има квалитет. Јас мислам дека сето тоа доведе до ситуација и пред институциите нашите спортови да си го заземат своето место. Како резултат на тоа е и последната поддршка од страна на Министерството за спорт, каде јавно министерот укажа на тоа дека ќе поддржи. Претходните години имавме поддршка, но многу повеќе вербална. Последново првенство кое ќе го организираме мислам дека ќе доведе до ситуација навистина да си го заземеме местото како спортска дисциплина која ни припаѓа.

Ви благодарам на разговорот и ви посакувам успешна организација на ова светско првенство, а вас ви посакувам успешно претставување на Европското првенство во Романија и кога ќе се вратите да направиме уште едно интервју, но со медалите тука до вас. Драги гледачи тоа беше разговорот со членовите на Македонската воздухопловна екипа која ќе учествува на Европското првенство во Романија, но исто така и со организаторите кои ќе го организираат Светското првенство во август месец тука во Прилеп.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи