„Генеза на хроничната мистерија“ е мултимедијалниот проект од уметникот Емил Солески, што ќе се реализира на 23 јули 2024 година, вторник од 20.00 ч. во сцена 105 во ЦК „Марко Цепенков“.
Се работи за мултимедијален триптих што е алегорија за губењето на идентитетот.
„Во време кога надминуваме одредени предрасуди и се бориме со стереотипи, разгорува распаднатото огниште, се занишува празната лулка, а паланзата, и без тег ќе измери нешто, потамина ако треба. Ликовно-просторниот експеримент е фантастична дијагонала на „архаичниот“ и дигиталниот идентитет. Концептот предвидува просторна видео интервенција и трансформација, барање нова визија на веќе виден простор. Триптихот ќе се формира со проекција на видео-аудио материјал врз просторно поставени 3 архајски форми, ликовни метафори:
Распаднато огниште – ликовна метафора за празен дом, градови, села, земја;
Кантар, паланза без тег – ликовна метафора за строгото критичко оценување на немањето рамнотежа во природните, општествените, социјалните односи, принципи, тежнеења, закони;
Празна лулашка – ликовна метафора за негрижата и изгубеното наследство, природно, национално, културно-историско;
Да се гледа низ призмата на објективното, или да се направи ново, субјективно доживување“, вели авторот Емил Солески.