Платата на премиерот Мицкоски изнесува 140.450 денари – еве колку земаат министрите!

Facebook
Twitter
Email
Print

Владата на својата веб страница ги објави платите на функционерите, па така сега граѓаните можат да видат премиерот, но и министрите колкави плати земаат. Оваа страница не беше „ажурирана“ откако лани во март, функционерите земаа зголемување на платите од вкупно 78 отсто.

Сега како што може да се забележи, платата на премиерот Христијан Мицкоски изнесува 140.450 денари или околу 2.280 евра.

Иста плата како премиерот зема и Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски. Тој има дополнителни 20 отсто на платата (24.865 денари) заради извршувањето на таа функција, па истата изнесува 140.405 денари.

Вицепремиерите и министрите земаат нешто помалку, односно имаат нето-плата од 115.540 денари (1.870 евра). Бруто платите пак изнесуваат 176.830 денари, што е за 60 илјади денари повисока од нето платите.

Според пресметката, за нето-платите на 23 министри и на премиерот секој месец плаќаме околу 2,8 милиони денари (46.000 евра), а за нивните бруто-плати по 4,3 милиони денари, односно по околу 70.000 евра. Тоа годишно изнесува 843.000 евра само за министрите, без замениците-министри и другите функционери во Владата. Не е познато колку вкупно нè чинат платите на сите 1.060 избрани и именувани функционери во државата, меѓу кои и на судиите, градоначалниците, пратениците итн, затоа што не се објавени транспарентно.

Владата на Димитар Ковачевски, во чиј мандат се случи зголемувањето функционерските плати, никогаш не објави колку им изнесуваат месечните примања. За платите на бившите министри јавноста дознаваше инцидентно, ако некој од нив ја открие сумата, како поранешниот министер за финансии Фатмир Бисими кој во една прилика откри дека платата по зголемувањето му изнесува 125.960 денари.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи