Од Скопје до Софија за два и пол часа – до крајот на годинава ќе биде готов експресниот пат Ранковце-Крива Паланка

Facebook
Twitter
Email
Print

Експресниот пат Ранковце – Крива Паланка, место наесен, како што најави претходната Влада, ќе биде готов до крајот на оваа година, изјавија денеска директорот на ЈП за државни патишта Коце Трајановски и вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски кои беа на увид на градежните работи.

Патот кој е долг 25 километри, како што рече директорот на државни патишта, е почнат да се гради во 2018 година и досега се реализирани 80% од работите.

„Патот е поделен на два лота. Едниот лот е од Страцин до Длабочица во должина од 15 километри, а вториот е од Длабочица до Крива Паланка во должина од 10 километри. Вредноста на целокупната инвестиција е 92,7 милиони евра со тоа што првиот лот чини 43 милиони евра, а вториот околу 50 милиони евра“, рече Трајановски и најави дека ќе продолжат да работат на комплетирање на Коридорот 8 чиј дел е и експресниот пат.

Министерот Николоски очекува со пуштањето во употреба на овој пат да се забрза економијата, граѓаните да можат да остваруваат поголеми приходи и да останат да живеат во местата од кои потекнуваат.

„Можам со задоволство да кажам дека овој експресен пат кој, наједноставно кажано, треба со модерно патно решение да ги поврзе Куманово и Крива Паланка, а со тоа Крива Паланка да ја поврзе и со Скопје, главниот град. Тука е и Општината Ранковце која треба да биде поврзана и со Крива Паланка и со Куманово но и со Скопје, да може брзо да се стига од главниот град и до Ранковце и до Крива Паланка, да може да се развие бизнисот, луѓето да приходуваат повеќе и да остануваат да живеат во местата од кои што потекнуваат“, рече Николоски, кој истакна дека истиот ќе го скрати и патувањето од Скопје до Софија на два и пол часа.

Министерот Николоски рече дека патот многу бавно се градел од неразбирливи причини и досега не е завршена целосна експропријација на земјиштето каде што ќе поминува патот, но има и низа други проблеми околу изградбата. Сепак, како што истакна тој, ќе направат сѐ за овој пат да биде завршен до крајот на годината.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи