Жителите на урбана заедница Центар бараат детско игралиште наместо катна гаража

Жителите на урбана заедница Центар бараат изградба на детско игралиште или парк наместо изградба на катна гаража позади зградите на булеварот Гоце Делчев. Група на граѓани вчера излегоа на мирен протест со барање за солидарност од другите граѓани на Прилеп, бидејќи како што велат пристапот до предвидената локација за паркинг е поврзан со тесни улици, каде постојано се прави гужва и застој, што ја загрозува безбедноста на пешаците, особено на децата.

„Во однос на изборот на локацијата за изградба на катна гаража, од стручен аспект треба некој да ја образложи оправданоста и во однос на инфраструктурното решение за користење на истиот објект. Ако го гледаме самиот простор зад зградите, нема никаков пристап, од двете страни улиците се тесни, некогашни турски улици и овде нема можност да се разминат 2 автомобили. Како ќе биде регулирано влегувањето и излегувањето од овој објект? Овде ќе настани хаос, деца повеќе нема да можат да играат, а баш тука зад зградите играат децата со топка. Јас ги прашувам стручните лица кои го дале позитивното мислење за ваков објект, што ќе биде кога децата ќе играат фудбал, кошарка, а нон стоп автомобили ќе поминуваат тука за влез и излез“, вели еден од жителите.

Жителите се жалат дека изградбата на оваа катна гаража ќе ги зароби во нивните домови.

„Овој дел од градот затворен е од сите страни со згради, ние внатре се наоѓаме во населба која е затворена од сите страни. Во овој дел и така ние ги трпиме влијанијата од движењето на колите, загадување на воздух и животна средина, нон стоп улиците ни се со сообраќај, децата не можат да играат, немаме простор за игра. На времето можеше да се игра во просторот кај зградите, но сега и таму не може. Од друга страна овој простор зад мене најмногу е за детско игралиште, бидејќи оваа населба овде нема никаков простор за децата, сите наши деца овде се изложени да бидат дома пред компјутери. Ако се направи овде катна гаража, на нашата улица ќе има постојано движење и ние самите нема да можеме да имаме слобода на сопствено движење, нашите фамилии ќе бидат заробени од тој метеж, од таа секојдневна гужва. Гужвата и со овој паркинг постоеше, но сега ќе биде двојна и тоа е голем проблем, особено во зимските денови“, истакна друг жител на населбата.

За изградбата на катната гаража не биле известени ниту тие, ниту пак месната заедница од страна на Општина Прилеп.

„Сите жители на оваа населба, од пред 30 години знаеме дека тука се планира да се изгради детски парк, но поради нерешени имотни прашања тоа не се градеше долго време. Одеднаш, на наше изненадување, кога се расчисти просторот, тука се изгради паркинг и сега дополнително сакаат да се гради катна гаража. Без наше знаење направена е измена на планот, ние не сме известени, ниту месната заедница е известена и направена е груба промена. Пред неколку месеци се огранизиравме и собиравме потписи, сите жители сме сложни и согласни дека овде не треба да се гради катна гаража. После собирањето на потписите имавме средба во Општина каде разговаравме со градоначалникот и уште неколку лица од Општината. Мислевме дека добро се разбравме и дека ќе бараме да се промени планот, но без воопшто да бидеме известени пред неколку дена се почна со изградба на катната гаража“, додаде еден од жителите.

Со реконструкцијата на булеварот Гоце Делчев беа скратени преку 220 паркинг места и недостигот на паркинг места осетно се осети во центарот на градот. Како принудни решенија беа понуди изградба на катни гаражи на оваа локација, како и помеѓу општинската зграда и поштата во Прилеп.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи