Со полагање на цвеќе пред споменикот на Методија Андонов – Ченто во центарот на градот во Прилеп беа одбележани 67 години од неговата смрт.
Методија Андонов – Ченто бил македонски револуционер и државник, прв претседател на Иницијативниот одбор за свикување на Првото заседание на АСНОМ и борец за правата и слободата на македонскиот народ.
За претседател на Президиумот Методија Андонов – Ченто бил избран и на Второто заседание на АСНОМ, на 29 и 30 декември 1944 година. Бил и прв претседател на Президиумот на Народното собрание на НРМ.
Со своите политички ставови Ченто се залагал за поголема самостојност на Републиката во однос на федералните органи. Истовремено го поставувал прашањето за обединување на Македонија. Таквите негови ставови дошле во судир со официјалната политика, поради што во 1946 година со пресуда на Окружниот суд во Скопје, бил осуден според Законот за кривични дела против народот и државата и тоа со лишување од слобода 11 години. Починал на 24 јули 1957 година во Прилеп.