Политичкиот прогон и заплашувањето нема да ви поминат, вака екс-министерот од редовите на ДУИ, Крешник Бектеши ја коментира поднесената кривична пријава од МВР против него поради вршење притисок на денот на изборите во месец мај.
Бектеши ја објави фотографијата од пораката што му ја испратил на полицискиот началник во СВР Охрид, за која заработил пријава.
„Секоја чест. Јаки сте. Срам треба да ви е да се занимавате со млади луѓе“, стои во пораката на Бектеши што ја испратил, а објавена денеска на неговиот Фејсбук профил.
Бектеши, во својата објава на ФБ наведува дека пријавата ја смета за политички прогон и објаснува што се случувало тој ден.
„На 7-ми мај во својство на координатор на Европскиот фронт во ИЕ 5 добив информација, од штабот на Европскиот фронт во Охрид дека на денот на изборниот молк бил проверуван шефот и членовите на изборниот штаб, од страна на охридската полиција, што е директна полициска интервенција во изборниот процес“, наведува Бектеши.
Смета дека целта на пријавата е да го заплашат, односно дека целта е одмазда за дебаклот кој се случил на 8-ми мај.
„Како Крешник Бектеши секој пат ќе се грижам за граѓаните кои се во постојана тенденција на мајоризација и заплашување, како моите сонародници во Охрид, Крушево, Долнени… И во ова, ништо освен Бог не може да ме сопре. На следните избори ќе се случи народ“, стои меѓу другото во објавата на Бектеши.