Светската елита на воздухопловното моделарство оваа недела ќе биде во Прилеп каде започна организацијата на Светското првенство за јуниори во овон спорт на кое што ќе учествуваат 110 учесници од 16 репрезентации, од 3 континенти, како што се голем број европски држави, САД и Кина. Во чест на овој настан од највисок ранг во соработка со Македонски пошти беа пуштени во оптек плико и поштенска марка со оваа манифестација.
„Да се продолжи континуитетот да бидиме прво на картата на Европа, а потоа и на светската карта. Нашите млади спортисти секогаш да бидат во контакт со новите технологии, во овој период каде електрониката и технологијата се присутни и во оваа сфера, така што отворањето кон светот значи одење и чекор со времето. Јас се надевам дека тоа им помага и нашите спортисти да имаат можност да бидат конкурентни, во секој случај на Општина Прилеп и Македонија им даваме можност да бидат препознаени во светски и европски рамки“, изјави Здравко Тодороски, организатор на Светското првенство за јуниори во воздухпловно моделарство.
Овој настан е од огромно значење за афирмација на овој спорт кај нас, но исто така и за афирмација и промоција и на Прилеп и на Македонија.
„Овој настан е од огромно значење, како економски така и спортски за издигнување на нашите натпреварувачи, спортисти, активни членови каде што рамо до рамо се натпреваруваат со светски познатите елити“, истакна Борче Јовчески, градоначачлник на Прилеп.
Инаку ова не е прв пат во Прилеп да се организира натпревар од ваков висок ранг од овој спорт. Може слободно да кажеме дека Прилеп станува центар за развојот на воздухопловното моделарство и во поширокиот регион.
„Овде сме ние за да ја претставиме ФАИ, Светската федерација за воздухопловни спортови и е наше големо задоволство. За нас јуниорите се иднината и затоа натпреварите кои ќе следат во наредните денови се од огромна важност. Јас сум бил во Прилеп неколку пати да му помагам во организацијата на Здравко на овие натпревари, а исто така и самиот сум учествувал. И многу го сакам Прилеп бидејќи ми носи мир во душата и затоа ми е огромна чест да ги донесам јуниорите во вашиот град и сум среќен што може да го искористиме центарот на градот за свечената церемонија“, кажа Пер Финдал, претседател на жирито.
„Давам се од себе си за да може нашиот регион да биде добро претставен на светската карта за овој спорт и мислам дека Прилеп е едно чудесно место каде долги години се организираат овие натпревари, Светки и Европски првенства и купови, така што сум радосен што Прилеп беше номиниран за организатор на ова Светско првенство и сум сигурен дека во наредните 3 дена ќе имаме едно прекрасно првенство“, рече Сотир Лазарков, член на жири комисијата.
„Пред неколку години имавме исто вакво натпреварување за јуниори, светско, а после тоа и европско, а сега повторно светско, сакам да кажам дека драго ми е што сум дел од сите овие настани. Пред 3 дена имавме и Светски куп и сите беа задоволни и многу ми е мило поради тоа“, кажа Диме Спиркоски, член на жирито.
Првенството ќе трае во наредните 3 дена, а натпреварите ќе се одвиваат во близина на селото Веселчани.