Пред платото на Центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп се одржа концерт „Вечер на унгарски песни и танци“ на кој настапија оркестарот Јухас и фолклорната група Дуна Танода од Баја (Унгарија). Центарот за култура го реализира овој настан во соработка со Здружението на Унгарците во Македонија „Теледом“ и Амбасадата на Унгарија. Од Центарот за култура најавија дека ова ќе биде една од многубројните културни активности ова лето.
„Деновиве следат повеќе настани за реализација, ќе ја издвојам меѓународната колонија локовна „Дрен“, во петок имаме изложба на уметник од Србија, во сабота сме домаќини на „Поетско Маркукуле“ кое се реализира во соработка со клубот на литературни творци и од наредната недела имаме во план повеќе изложби, концерти“, рече Марија Попова Јованоска, директорка на Центар за култура Прилеп.
Фолклорната група Дуна Танода од Унгарија пред публиката се претстави со навистина интересни традиционални народни танци кои предизвикаа восхитување. Според амбасадорт на Унгарија ваквите настани придонесуваат за зближување и подобро запознавање на двата народи.
„Веќе неколку пати сме биле во Македонија, тука во Прилеп ова ни е втор пат, бевме и лани. По Прилеп продолжуваме во Крушево, Битола, Охрид и Скопје. Многу се радуваме што тука можеме да си ја претставиме нашата музика“, изјави Томаж Орецки, уметнички директор на фолклорната група „Дуна Танода“
„Како амбасадор имав прилика да присуствувам на безброј културни настани, но моето искуство зборува дека кога сакаме да работиме на зближување на културите на народите најпогодно е тоа се прави по пат на народна музика“, додаде Андраш Клеин, амбасадор на Унгарија во Македонија.
Освен во Прилеп групата Дуна Танода ќе има свои настапи во уште неколку македонски градови.