ВИДЕО – Блокиран патот Прилеп-Скопје и протест пред Општина Прилеп – концесијата за ископ кај Ореовец ќе уништи неколку села и Прилеп


Од 7 до 8 часот утринава жителите на село Оревоец и други граѓани на Прилеп го блокираа патот Прилеп-Скопје изразувајќи револт на најновата одлука на Владата од 24.07 со која се дава дозвола за концесија на конзорцимуот Бехтел и Енка за ископ кој се наоѓа на само неколку стотини метри од селото. Протестот потоа продолжи пред зградата на Општина Прилеп каде градоначалниот им порача на жителите дека до четврток ќе организирал средба со ЈПДП.

„Дополнително што сега во поткрепа на нашите аргументи ги имаме и вештите наоди на вештите лица, кои буквално укажуваат на опасноста која претстои од сите аспекти и по однос на животната средина и по однос на изворите за вода и по однос на спротиставеноста на самата одлука што од причини за село Ореовец е донесен во 2022 година Детален урбанистички план, па така издадената концесија со оваа одлука е незаконита. Дополнително одлуката на Влада ќе ја оспориме на Управен суд“, вели Жарко Стеваноски, адвокат и жител на с. Ореовец.

Жителите кои против овој ископ протестираат деноноќно веќе неколку месеци велат дека со оваа одлука ќе се уништат неколку села, изворите за вода на Прилеп, а штета ќе има самиот град.

„Нив воопшто не ги интересира ништо, немаат никаков слух, тие имаат друга агенда по сето ова ако гледаме. Само парите се во прашање и ништо друго. На концесијата јасно и гласно стои дека таа е за мермер, а патишта со плочки мермерни не се прават, ова е јавна кражба потпишана, легална и нив нормално ги штити специјалниот закон кој е донесен од претходната Влада. Има еден куп концесии во Прилеп од каде може да се земе материјал за новиот автопат Прилеп-Битола, е зошто е окото паднато на нашето мало ридче кое ќе му служи за мермер незнам на кого“, додаде Дејан Ачкоски, жител на с. Ореовец.

 

„Ако во почетокот беше незаконско работењето на странската фирма Бехтел и Енка со доаѓањето на новата власт е веќе озаконето тоа и потпишана е концесијата за ископ“, истакна Ѓорѓи Георгиoски, жител на с. Ореовец

Доколку не се реши проблемот жителите на Оревоец најавуваат порадикални протести, а блокадите на ископот продолжуваат и понатаму.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи