Христијан Бузалковски, македонскиот мотоциклист, продолжува да го потврдува својот статус како еден од најталентираните натпреварувачи на европската сцена. Изминатиот викенд, на предизвикувачката стаза во Гробник, Хрватска, тој ја возеше 7-та и 8-та трка од ФИМ Европскиот шампионат во класата STK1000 и успеа да се закити со бронзен медал, надминувајќи конкуренција од триесетина врвни мотоциклисти.
Со овој нов успех, Бузалковски ја зголеми својата колекција на медали од престижниот шампионат и покажа дека е подготвен за нови предизвици и уште поголеми успеси.
„Сите освоени медали ми се драги, но овој особено ако се има во предвид дека стазата во Гробник е една од потешките, а возевме при екстремно топло време, температурата на асфалтот достигна 60 степени. Успехот ме радува и поради тоа што во саботата имавме технички проблеми, кои сепак успеавме да ги надминеме. Впрочем, ние имавме само една цел, да стигнеме до подиум! Оваа година конкуренцијата е поголема од лани, има доста брзи и добри натпреварувачи, па затоа целиот викенд работевме напорно на сетапот на моторот,“ вели Бузалковски, кој посочува дека од секоја трка црпи искуство, кое му користи на секое наредно натпреварување. „Од секоја трка учиме по нешто ново за моторот и за неговите можности, а со тоа и за мојот перформанс на стазата, па нè радува што секогаш имаме некои унапредувања од технички аспект,“ додава талентираниот македонски мотоциклист.
Во септември Бузалковски ќе се соочи со нов предизвик на стазата Словакиа Ринг во Словачка, каде што со уште поголема решителност и ентузијазам ќе атакува на ново место на подиумот. Со секоја измината трка, тој стекнува нови искуства и знаења, кои му даваат дополнителна мотивација и сила за да го даде својот максимум.
Македонскиот шампион е подготвен да ја продолжи својата борба за успех, свесен дека со напорна работа и истрајност, секој нов подвиг е чекор поблиску до врвот на европскиот мото спорт.