Мицкоски: Очекувам во „Лидл“ да има 50% македонски производи и ниски цени, изградбата на маркетите ќе тргне по „брза лента“

Facebook
Twitter
Email
Print

Премиерот Христијан Мицкоски на денешниот брифинг со медиумите појасни дека на вчерашната средба со раководството на „Лидл“ покрај разговорите за логистичката поддршка од државата, побарал асортиманот на ланецот маркети да биде застапен со 50 отсто домашни производи.

„Од тоа што ни беше презентирано, повеќе од стотина милиони евра веќе се инвестирани и наша цел е од процентот којшто ни беше претставен дека ќе бидат застапени македонски производи на рафтовите на компанијата, тој процент да дојде многу скоро до 50 проценти, сега не би зборувал кој е тој процент, но е далеку од тоа ние што го очекуваме како Влада. Ние очекуваме минимум 50 проценти таму да има производи македонски на тие рафтови од македонски компании“, подвлече Христијан Мицкоски.

Покрај тоа, премиерот пренесе и дека го истакнал своето очекување за пониски и подостапни цени за граѓаните.

„Очекувам да работат во насока на нормите за цена што е прифатлива за македонските граѓани. Ние ќе испорачаме се без посредници, без ‘провизии’, па ‘јас го знам овој, оној’, такви работи нема да има“, додаде Мицкоски.

Тој очекува дека „Лидл“ до крајот на 2024 од Македонија ќе извезе овошје и зеленчук во вредност од околу 5 милиони евра, а на долг рок таа бројка да се зголеми од 50 до 100 милиони евра.

Трговскиот синџир „Лидл“ се соочувал со проблеми со претходната влада, тврди премиерот Христијан Мицкоски.

„Имав средба со дел од менаџментот на „Лидл“, кој подолго време презема активности за почеток на инвестицијата во државата. Разменивме информации за многубројните тешкотии и административни бариери со кои се соочувале од претходната влада. Инвеститорите што сакаат да вложат во економскиот прогрес и ќе вработат македонски граѓани, не смеат да бидат ставени настрана. На брза лента ќе го откочиме процесот и за брзо ќе го имаме синџирот маркети Лидл“, истакна Мицкоски.

Инаку, „Лидл“ е најголемиот европски синџир супермаркети, присутен е во 30 земји во Европа и во САД. Во Македонија треба да вработи повеќе од 150 луѓе.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи