Откако случајот со бегството од куќен притвор на поранешниот припадник на Ослободителната војска на Косово (ОВК), Блерим Рамадани, изминатите денови стана една од главните теми во јавноста, првпат се огласи Основниот Кривичниот суд Скопје оценувајќи ја за предимензионирана медиумската покриеност за екстрадициската постапка во овој случај.
Од судот, детално се осврнаа на случајот, велејќи дека со бројните политички коментари и преписки, дополнително се поткопуваат довербата на јавноста, но и бројните експертски коментари кои дадоа свое лично видување на настанот без притоа да ја анализираат фактичката состојба.
„Факт број еден е дека станува збор за странски државјанин, кој се терети за сторено кривично дело во друга земја, Косово, а се бара да биде екстрадиран во Србија. Судскиот систем во нашата земја не е директно засегнат за исходот од оваа постапка со оглед на тоа што на ова лице не му се суди во земјава и нема оштетени македонски државјани. Сепак обврска на РСМ е во започнатата екстрадициона постапка да го почитува меѓународното право за што веќе има воспоставена судска пракса. Имено во идентичен ваков случај со лицето Томора Морине од 2019. година, кој не бил екстрадиран во Србија бидејќи е косовски државјанин и делото за кое се терети било сторено во Косово. Поради тоа, надлежноста за водење на постапката ја има Косово, одлука која била потврдена од Врховниот суд“, велат од судот.
Според судот, факт е дека Рамадани бил во активен притвор со решение на Судија на претходна постапка од 17 јули до 1 август, или 15 дена, односно, согласно досегашната судска пракса за овие случаи, тоа е максималното време кое некое лица го поминало во екстрадиционен притвор.
„При донесување на решението, судијата имал предвид дека: имајќи ја предвид веќе воспоставената судска пракса за постапување на нашите судски органи при идентично исти случаи, односно на лица на кои првично им било определена мерка притвор, во сите одлуки на Кривичниот совет при надлежните судови е утврдено дека не се исполнети Законските претпоставки за екстрадиција, а овие одлуки се потврдени од Врховниот суд на РСМ, согласно Законските одредби, може да биде обезбедено со поблаги мерки како куќен притвор, мерки за обезбедување присуство или гаранција. – што е наведено во решението, додека надзорот над куќниот притвор, согласно решението се доверува на МВР односно надлежната полициска станица. Па заради тоа одговорноста ( системска или индивидуална ) за бегството треба да се бара кај органот кој го врши надзорот“, велат од судот.
Протоа, како што додаваат до 14 август, ниту МВР ниту, политичките партии а ниту пак експертите не ја коментираат одлуката на судот за определување куќен притвор иако истото беше објавено од одредени медиуми, веројатно поради функционалноста на истата како и бројните пресуди против државата токму заради „злоупотреба“ на притворот.
На крај, Рамадани се дава во бегство од куќен притвор над кој надзор врши токму МВР, по што и следат бројните реакции и обвинувања на сметка на судот, велат од судот.
Потенцираат и дека согласно воспоставена судска пракса и меѓународното право, Кривичниот совет донесе решение според кое не се исполнети Законските услови за ектрадиција и целиот предмет е доставен на надлежно постапување на Врховниот суд.
„Имајќи го предвид погоре наведеното, Судскиот совет на РСМ може и треба да проверува и утврдува дали судот постапувал согласно Законските одредби и праксата на повисоките судови, но апелираме случајот да не се користи за политички препукување, особено ако јавноста не е запознаена со клучните факти за конкретниот случај, судската пракса и пред се институционалните надлежност“, велат од кривичниот суд.