ВИДЕО: Димкоски: Се радувам што винилот се врати на голема врата во Македонија и што македонските бендови вадат албуми на плочи


Денешен наш соговорник е Душко Димкоски, еден од најстраствените колекционери на плочи, или уште како што се нарекуваат овие носачи на звук, винили, кој со години од својата рана младост ги собира плочите. Исто така Димкоски е и добар познавач на музиката од различни видови, од различни стилови, а тоа можеме да го видиме преку неговиот Фејсбук профил, преку кој секојдневно на еден начин не едуцира музички со тоа што објавува различни текстови за различни бендови, соло музичари, околу нивната кариера и историја.


Имаме многу теми поврзани со музиката за кои би сакал да поразговараме со тебе и се надевам дека ќе биде интересно ова интервју и за гледачите. Ајде да започнеме со она што го спомнав на почетокот, дека сте еден страствен колекционер на плочи. Како започна целата таа приказна околу колекционерството?

Димкоски: Приказната започна одамна, на времето додека винилите уште се вртеа, пред да почнат да се забораваат, пред да ги замени цедето како носач на звук.

Рековме винилите се оние кои се вашата најголема пасија, која беше вашата прва плоча која што ја добивте во вашата колекција?

Димкоски: Многу пати имам зборувано, првата моја плоча беше „MC5 – Kick out the jams“.

Како ја добивте?

Димкоски: Ја добив поклон од мој добар пријател, кој сега не е повеќе меѓу нас нажалост, Горан Црнио.

И од тогаш почна приказната со собирањето на плочи?

Димкоски: Пополека, пополека влегов во винил манијата, по ново.

Колку плочи имате денес?

Димкоски: На времето кога почнав да собирам постарите колекционери не учеа дека плочите се мерат во метража, така да имам повеќе од 2.5 метри плочи. Или повеќе од 1.000 long play плочи, околу 300 синглици.

Како денес се набавуваат плочите, како се купуваат, се разменуваат, како се одвива тоа?

Димкоски: Денеска е лесно затоа што винилот се врати на голема врата, има продавници во Македонија што ги немаше пред извесно време, има локални дилери, има берзи за плочи, порачувам од странство, најчесто од Германија, од Англија пред проблемот со поштарината, се снајдуваме на секој можен начин, порачуваме од екс ју просториве.

Колку чини една плоча?

Димкоски: Плочата чини колку што љубителот е спремен да ја плати, има половни плочи, користени, движат од 500 денари, а има плочи кои достигнуваат и многу големи суми.

Во зависност од реткоста на плочите?

Димкоски: Од реткоста, од зачуваноста, има повеќе фактори како се оценува една плоча. Новите реизданија на стари албуми коштаат од прилика по 30тина евра и е добро што се врати на цена плочата повторно, да може да купиме изданија за кои некогаш не сме ни помислувале дека може да ги имаме, затоа што биле многу скапи.

Рековте дека сега е многу полесно да се дојде до овие винили, како беше порано, како се снајдувавте кога немаше интернет, кога немаше берзи на винили итн.?

Димкоски: По пријатели, се купуваа, се продаваа, се разменуваа, во Македонија стасуваше списание кај колпортериве улични, Рекорд колектор, од него гледавме, баравме, учевме за цени. Сега е полесно, има една платформа „Discogs“ се вика и има се да си најдиш за таа плоча што сакаш да ја купиш.

Со тоа списание гледавте што ви се допаѓа, како ви се допаѓа, што е во тренд?

Димкоски: Секогаш сме имале проблем со транспорт, со поштарини, но ни беше добар водич за вредноста на некоја плоча, од него учевме колку би вредела плочата, колку може да оди, колку може да ја платиш…

Дали може да ни кажеш некоја интересна случка поврзана со некоја плоча што стигнала кај тебе?

Димкоски: Има многу случки, сега немам некоја да одвојам, се случувале долго да патувале, да ги нема, па да ми рефундираат средства, да ми донесат крива плоча од сонце извиткана итн.

Тука еве носиш неколку изданија, што се тие?

Димкоски: Носам неколку вредни изданија, решив денеска да одберам македонски изданија на плочи. Најпрво би започнал со реизданието на култниот албум „Мизар“, на нашата најголема македонска група според мене, Мизар. Сама по себе ми е вредна затоа што повеќе од 25-30 години сум ја бркал да ја купам, низ годините беше многу скапа и не можев да си дозволам да ја купам. Реизданието е прифатливо за сечиј џеб, 30тина евра и вреди. Инаку вредно е да се спомни дека е прв македонски албум што е отпеан и издаден на плоча на македонски јазик, во 1989 година. Исто како интересна приказна ми е и вториот албум на Мизар, интересна случка е што оваа плоча ја добив гратис, со концертот за реобединување на Мизар и со првите 100 карти одеше гратис плоча. Би ја одвоил исто македонска плоча, мене многу драга, поклон од Менде Банако ми е, „Lola V Stain“ 1990 година издаден албумот, прв македонски албум од македонската дискографија на плочи објавена за независен издавач во рамките на тогашна Југославија. Уште еден вреден примерок за мене, тоа е Анастасија и „На реките Вавилонски“, овој сингл е прв македонски сингл на 12 инчи, на голема плоча, на голем винил, мене ми е поклон за мојата свадба. Би одвоил исто и албумот „Сафизам“ на македонската група САФ, издаден во 2001 година како тројна плоча, прва и единствена тројна плоча на рап бенд во Македонија. Издаден исто од македонска издавачка куќа, „Југотон“, прво издание во независна Република Македонија. Колку што сум информиран само 3 примероци се со омот, останатите парчиња се продавани без омот, само плочите. Враќањето на винилот во Македонија го покрена еден батко од Скопје, Тошо Филиповски, се труди, издава инциклопедии за македонската сцена и ова е првата компилација што ја издаде, „Колку гласно морам да викнам за да ме чујат“. После ова издание почна наезда на македонски плочи, на голема врата се врати винилот во Македонија и убаво е што македонските бендови вадат албуми на плочи.

Тука имаме и некои постари плочи.

Димкоски: Јас сум колекционер и на македонската народна музика, традиционалната македонска музика. Како пример за денешново интервју го одбрав првото издание снимено за ансамбл Билјана, првата синглица нивна со песните „Народе македонски“ и „Од умот се подизгубив“. Двете песни на оваа синглица не се издадени понатаму во нивните албуми, но издадени се на компилација „Македонски староградски песни“. Како прилепчацни, вредно е и добро да си ги наброиме нашите прилепчани, значи првиот сингл на Прилепски еснафи, тамбурашкиот оркестар на Благоја Челоски – Руското, издадена во 1974 година. Исто така би ги спомнал и Весели прилепчани од Димче Блажески – Чалата екипата, вредна прилепска плоча. За мене доста вредно е и првото издание на националниот ансамбл Танец, 10 инчен винил, ова е првиот нивни албум објавен за радио телевизија Београд, 10 инлна плоча. Покасно е реиздаден на 12 инчи плоча со уште 2 бонус песни. Секако вредно за споменување и колку што пратам по сценава е ретка плоча, ја нема на продажба многу, е јубилејното издание на Танец за 30 годишнина од нивното постоење.

Сигурно често пати те прашале која ти е најдрага плоча и најретка која ја поседуваш?

Димкоски: Не можам да одредам која ми е најдрага плоча, периодично низ годините се менува и вкусот и драгоста на плочите. Моментално колекционирам во повеќе жанрови музички скоро сите ми се драги.

Како што кажавме сега колекционерството на плочи е некаков тренд. Навистина имаме толку голем број на љубители на музиката или некако трендовски?

Димкоски: Како и се што се случува, така и со колекционерството, односно собирањето на плочи стана трендовски, моментално тоа се цени и тоа е многу добро и позитивно, затоа што се извадоа плочи и почнаа луѓето да собираат плочи. Јас не ги поддржувам новите музички платформи за слушање на музика, сакам исклучиво на хард звукот да биди, плоча, ЦД, касета и убаво е што почнаа и младите да собираат плочи и воедно ги извадоа старите што ги чуваа по подруми за продажба и излегоа на виделина, се најдоа во нечии раце каде што ќе се слушаат.

Колку берзи на винили има во Македонија?

Димкоски: Во Македонија има повеќе, ние имаме берза во Прилеп, сега ќе биди, за 2 недели. Блаже Биџо ја организира и сега за 2 недели ќе има берза на плочи.

Доаѓаат од цела Македонија?

Димкоски: Од цела Македонија, најверојатно ќе има и од Србија излагачи кои идат кога има берзи во Македонија, не знам точно кои му се поканети и кои ќе учествуваат.

Како што кажавме, покрај колекционер на плочи, си добар познавач и на музиката. Кажи ни кој стил сега го слушаш, кој во текот на годините се менува како што се менува еден човек музички, па и возрасно?

Димкоски: Се менува низ годините, но најдолго ме држи и љубител сум на панк музика, сакам и треш, сакам и народно како што кажав, македонско, слушам се. Моментално сум заглавен на krautrocк од 60ти и 70ти години. Тоа ми е последно, сега собирам krautrock.

Како што кажав и претходно во најавата на ова интервју, секој ден музички не едуцираш и образоваш со различни музички групи, на еден начин пишуваш твоја рубрика, еден музички времеплов „На денешен ден“. Кажи ми колку време во текот на денот посветуваш на музиката?

Димкоски: Па неколку албуми слушам во текот на денот, зависно од обврските и времето што го имам дома. Слушам и на плоча и на ЦД и на касета, слушам в кола кога возам. Откако не затворија со короната почнавме да објавуваме плочи и се рашири меѓу луѓето, сите почнаа да објавуваат, да го смениме алгоритмот на Фејсбук и почнав да правам рубрика „На денешен ден“. Се информирам од социјалните мрежи, некои датуми се менуваат, годинава сум објавил денеска е тој албум, в година го преправиле па менувам и јас датуми, и така.

Како го правиш тој распоред што сакаш да слушаш денес?

Димкоски: Па се водам по тоа на денешен ден што е издадено, затоа што плочи имам многу, музика имам многу, не можам да слушам се. Најпаметно ми испадна да ги слушам на денешен ден што излегле и така се привраќам на нешто одамна што не сум го слушнал.

Исто така пушташ и музика?

Димкоски: Пуштам музика низ градов, на приватни забави, по кафиќи.

Колку тоа те исполнува и што најчесто слушаат прилепчани?

Димкоски: Многу сум изненаден од прифаќањето на македонската музичка сцена, последно сум посветен на македонската музика, пуштам рок, забавна, поп македонска музика и прифатена е од публика, што особено ме радува.

Ако сега се привратиме од овој денешен момент во минатото, во младоста, од времето на таа андерграунд сцена, што е останато до денес?

Димкоски: Андерграунд сцената моментално во нашиот град е многу лоша. На македонско ниво не е така. Моментално имаме нов бран на млади алтернативни бендови кои се славни низ цела бивша Југославија и низ Европа, значи во бившите ју простори македонската андерграунд сцена е водител моментално, имаме најмногу млади бендови со најмногу стилови. Сцената се одржува одлично, значи третиот алтернативен бран излегува од Македонија, многу бендови имаме македонски.

Од Прилеп?

Димкоски: Од Прилеп имаме некои бендови што пробуваат да работат сопствена музика, но ништо позначајно нема актуелно во моментот во Прилеп.

Кога ја спомна андерграунд сцената во Прилеп, како се одржува сега во моментот?

Димкоски: Во моментов е затишје големо, нема бендови, нема проби, освен локалните The Hounds што често си свират.

Има и други млади дечки што свират, како што гледаме на Камената бина со оној проект „Од 0 до култура“.

Димкоски: Има наезда на млади бендови што свират и убаво е тоа што го прифатија од Општина Прилеп да ги презентираат нашите млади бендови, но им треба многу работа да стасаат до некое ниво да издадат своја музика. Сега за сега колку што знам се само на кавери, преработуваат туѓи песни. Треба работа, сопствен материјал да издадат сите за да се каже дека вреди ова, наше е, од Прилеп е и свири сопствена музика. Освен The Hounds и Филип Јездиќ со неговата музика, мултиталентиран музичар, мултиинструменталист, друго не знам да има поактуелно во Прилеп.

За крај да го завршиме ова интервју како и што го почнавме, со винилите, имаш ли некој винил што ете имаш желба да го имаш, а во моментот го немаш?

Димкоски: Листа со желби имам многу голема, манијата крај нема. Пополека ги комплетирам бендови што сум почнал да ги собирам пред 20тина година, ми фалат по 1-2 плочи, па некои се многу скапи, некои тешко се најдуваат, но со новиот бран на винили веќе излегуваат реизданија и на тој што му е битно да го поседува нештото ќе си го купи, како што го чекав Мизар 30 години, така ќе си дојди и тоа што ми е потребно со тек на времето.

Сега најмногу што очекуваш?

Димкоски: Во моментов сакам повеќе македонски бендови да издаваат винили, сите македонски бендови.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи