Двајцата осомничени за убиството кај Трговскиот центар „Мавровка“ во Скопје се осуденици кои побегнале од затвор.
Првоосомничениот за убиството на Васил Е., 39-годишниот Е.К., кому вчера Кривичниот суд му одреди 30-дневен притвор, бил затвореник во „Идризово“. Оттаму побегнал на 15 април годинава.
Второосомничениот за случајот, А.К., кој вчера сам ѝ се предаде на полицијата, како што информираат од МВР, престојувал во затворот „Скопје“ во Шутот Оризари, а оттаму избегал пред точно еден месец, на 22 јули годинава. Денеска тој е вратен во затворот со максимални мерки за обезбедување.
Инаку, двајцата бегалци се барале по централна потерница распишана од МВР на денот на нивното бегство.
Убиството на Васил Е. се случи утрото во вторникот (20 август) на паркингот меѓу станбените згради и трговскиот центар „Мавровка“ во Скопје.