ВИДЕО – „Музеј на радиото“ или „Музеј на радио Демир Хисар“ прв музеј од ваков вид во Македонија и на Балканот


Демир Хисар ќе биде првата општина во Македонија која што ќе добие „Музеј на радиото“ или „Музеј на радио Демир Хисар“. Во една од просториите на Домот за култура „Илинден“ е сместена техниката, плочите, касетите, предавателите и студиото од радиото кое беше дел од 29-те јавни радио и телевизиски станици кое што згасна во 2004 година. Творец на оваа идеја е Благоја Шундоски, некогашен новинар, уредник, директор и еден од основачите на ова радио кој успеал да ги зачува во целост овие работи изложени тука.

1985 година прв пат во демирхисарскиот етер се слушна гласот на радио Демир Хисар на средна бранова должина 191.6, благодарение на техниката што беше отстапена, поклонета, подарена од радио Штип, кое технолошки го променуваа студискиот, техничкиот и предавателниот дел од опремата. Ни ја отстапија без никаков надоместок, Општина Штип на Општина Демир Хисар. Така радио Демир Хисар стана најмладото радио како дел од единствениот радиодифузен систем на Република Македонија, составен од 29 радио, а подоцна и телевизиски станици, и Македонското радио, односно тогаш радио Скопје, прва и втора програма. Практично секоја град, секоја општина имаше своја општинска радио станица. За жал во 2004-2005 година под налог на Европската комисија за можно влијание на Општините врз уредувачката политика на општинските радио станици, донесе измени на Законот за радиодифузна дејност и постојните 29 радио и телевизиски станици да се трансформираат во таканаречено радио на заедницата, или да се приватизираат. Мислам дека од 29-те успеаја да се приватизираат само 2 или 3 радио станици, радио Штип, радио Кавадарци и радио Охрид, од кои што мислам дека во моментот единствено се приватизира и се уште функционира радио Кавадарци“, Благоја Шундоски, автор на музејската поставка.

Идејата на целиот овој проект е да се зачува и да не се изгуби споменот на тоа како функциуонирало новинарството и радијата во не така дамнешно време и сето тоа да биде ставено на увид на граѓаните, особено на младата популација, која би се запознала со оваа професија и дејност како истите функцинирале, а за жал денес во малите градови ги има само вакви поставки.

Долгорочно идејата е оваа спомен соба да прерасне во Спомен соба на јавната локална радиодифузија на Република Македонија, меѓутоа ова како почетна фаза, како најмлада радио станица со најоригинална идеја да направиме еден спомен за младиве генерации да дојдат овде, да научат што е магнетофонска лента, што е грамофонска лента, веќе МП3 знаат што е, процесот на дигитализација си го направи тоа. Младите немаат престава како се создава радио продукција, програма на радиото, тоа е крајната, последната фаза. Поголемиот дел од техниката се уште е во функција и ние во секој момент можеме за кратко време да ја ставиме повторно во функција и да зрачиме, да емитуваме во едукативна смисла. Да дојдат учениците од основните училишта, од средните училишта, па и студенти, магистерски и докторски дисертации да бранат, бидејќи ја чуваме целата фонотека новинарска, сите стари новинарски записи и снимки се чуваат и почнавме веќе да го дигитализираме целиот тој материјал. Таа едикативна компонента ни е најважна за да знаат, да научат младиве генерации како се создавала и како изгледаат техничките стандарди на една професионална радио станица“, додаде Шундоски.

Во моментов оваа поставка која што се наоѓа во Домот за култура се уште е не е целосно уредена за да може и официјално да прима посетители. Од оваа институција се надеваат дека идејата ќе ја поддржи и Министерството за култура за истата конечно се реализира и Демир Хисар да стане првиот град во Македонија, па и пошироко кој ќе има ваков музеј.

Да направиме нешто што ќе остане во спомен на сите демирхисарци, но и ќе направиме еден исчекор во создавање на една музејска поставка која ќе можат да ја видат туристите кои што би доаѓале тука во Демир Хисар. Како што може да видите, изложени се сите оние експонати кои ги имало тука во радио Демир Хисар, кои ги користеле вработените во оваа институција. Целта е како што реков да се формира една музејска поставка, од културолошки аспект, но исто така и од едукативен, помладите генерации кои ќе го посетуваат ова место, оваа спомен соба да можат да видат како се создавала програма на самото радио, да го видат целиот тој процес и да научат некои нови работи за оваа дејност.

Дали досега доаѓале посетители да ја видат оваа соба, како реагираат државните институции, дали се финансира од страна на државата и Министерството за култура овој цел процес?

Уште со раѓањето на самата идеја нормално беа потребни финансиски средства за да го реализираме овој проект. Аплициравме пред 2 години во Минситерството за култура, од таму добивме една финансиска поддршка со која што реализиравме една фаза од овој проект, односно сега имаме бели ѕидови, ламинат, поставки, со тие средства ние го започнавме овој проект. Но, се уште не е дофинализиран, ни престои уште една фаза со кој ќе имаме и официјално отворање на овој таканаречен Музеј на радиото. За посетители да, веќе некои кои слушнаа за реализацијата на проектот доаѓаат и сакаат да видат до каде се работите, до каде течи реализацијата на проектот и така. Но кога ќе го отвориме самиот Музеј мислам дека ќе имаме поголема посетеност“, истакна Славчо Вељаноски, директор на Дом за култура „Илинден“.

Идната 2025 година радио Демир Хисар одбележува 40 години од своето отворање во далечната 1985 година. Надлежните во Домот за култура „Илинден“ од овој град се надеваат дека државата конечно ќе одвои средства да се доуреди оваа поставка и в година да биде свечено отворена за сите посетители кои ќе имаат можност да ги видат овие уникатни експонати кои се наоѓаат тука околу мене и конечно ќе имаат можност да видат како функционирала една радио станица од минатото.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи