Донацијата од Турција – АРМ доби дронови, средства за врски, ноќни визири и интендантска опрема

Facebook
Twitter
Email
Print

Во касарната „Илинден“ во Скопје, денеска имаше примопредавање на донација на опрема од Република Турција за потребите на нашата Армија. Станува збор за дронови, средства за врски, ноќни визири и интендантска опрема. На настанот присуствуваа министерот за одбрана Владо Мисајловски, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал – мајор Сашко Лафчиски, како и амбасадорот на Турција, Фатих Усулој.

Министерот, Владо Мисајловски во своето обраќање го честиташе националниот празник – Денот на победата и Денот на Вооружените сили на Република Турција и истакна дека денешната донација е прикажување на сојузништво и пријателство на дело и е резултат на меѓусебна посветеност видлива повеќе од три децении.

„Донацијата од Република Турција уште еднаш го докажува вистинското и трајно пријателство меѓу нашите народи. Во име на македонскиот народ и Армијата му благодарам на турскиот народ и држава за оваа донација која ќе овозможи јакнење на капацитетите на нашата Армија, а со тоа и јакнење на мирот, безбедноста и стабилноста на Алијансата“, истакна министерот Мисајловски.

Министерот посочи дека Турција е наш докажан пријател и партнер и дека нивната поддршката значително придонесе за модернизација и опремување на македонската Армија со нова најсовремена опрема согласно НАТО стандардите.

„Мојата порака до нашите турски пријатели и сојузници е дека како министер за одбрана ќе продолжам да се залагам за уште поблиска соработка која има заедничка цел – а тоа е побезбеден регион и посилна Алијанса“, порача Мисајловски.

Обраќајќи се пред присутните, амбасадорот Усулој посочи дека односите помеѓу двете држави својата сила ја црпат од длабоко вкоренетите историски, културни и меѓучовечки врски и дека воената опрема која се донира не претставува само еден грант туку е симболичен знак на поддршка во насока на зајакнување на одбранбените капацитети на нашата држава.

„Со над 50тина потпишани договори ги изградивме нашите воени односи врз цврст темел. Бевме ваш сојузник, кој моќно го поддржуваше вашето членство во НАТО“, потенцира амбасадорот Усулој.

Началникот на Генералштабот генералот Лафчиски истакнувајќи ја важноста на донацијата изрази благодарност до Република Турција за поддршката при градењето на армиските капацитети.

„Континуираната помош која ја добиваме од Република Турција во градењето на нашите одбранбени капацитети е од исклучително значење за нас. Денеска со оваа донација за нашиот баталјон за специјални сили која вклучува дронови, средства за врски, ноќни визири и интендантска опрема, го потврдуваме успехот на нашата билатерална соработка“, рече генералот Лафчиски.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи