Министерот за одбрана Владо Мисајловски најави нов пакет за помош на Украина, за кој што рече дека наскоро ќе се најде на одобрување на седница на Влада. За разгледување на барањето на седница на Влада и донесување конечна одлука се чека сите министри да добијат безбедносни сертификати, бидејќи станува збор за информации од доверлив карактер.
„Набрзо ќе се пушти таа информација и ќе се обзнани каква опрема ќе се дава. Согласно регулативата, ние секоја година треба да издвојуваме средства за помош на Украина, согласно тоа дека сме членка на НАТО“, рече Мисајловски.
Министерот истовремено најави дека во наредниот период треба да се направи процена на вредноста на сè она што сме го дале како помош за Украина, која, како што додаде, ќе продолжи и во иднина.
„Но, што е важно да се направи во овој период, а не е направено во изминатите години е целосна проценка на она што е дадено, колку чини она што го даваме. Затоа е важно овој период да направиме проценка на сето она што сме го дале како земја бидејќи во овој момент сме петта земја контрибутор на донации и помош кон Украина и тоа ќе продолжи и во иднина. Се разбира, тоа е многу важно и за Украина, ние да покажеме дека сме стабилна членка во НАТО“, рече министерот.
Инаку, Македонија досега во неколку транши достави помош за Украина, како во воена опрема така и во хуманитарна помош.