Министерството за економија и труд ќе ги субвенционира занаетчиите преку кофинансирање на 40 проценти од докажаните трошоци, но не повеќе од 200.000 денари за барател, направени зa набавка на нови машини или алати и дизајн на нов производ. Заменик министерот за економија Марјан Ристески, денеска од Охрид, најави дека крајниот рок за аплицирање за субвенциите е 1 октомври.
„Занаетчиите имаат потреба од поддршка со цел да се зачуваат дефицитарните занаети и занаетите во изумирање. Во таа насока, Министерството за економија и труд работи и ќе понуди мерки за поддршка кои ќе дадат резултати и ќе значат развој и промоција на претприемништвото и занаетчиството“, истакна Ристески.
Заменик министерот за економија дека освен со занаетчиите остварил средба и со хотелиерите, а ја посетил и фабриката „Костал“.
„Поразговаравме за актуелните состојби, идните планови, предизвиците и проблемите со кои се соочуваат и се обврзавме за заедничко креирање на стратегиите, како и за изнаоѓање решенија за подобрување на состојбите. Недостатокот на работна сила, сивата економија и нелојалната конкуренција се основните проблеми кои хотелиерите ги истакнаа како кочница за развој на туризмот. Се обврзав за реална категоризација на капацитетите (што до сега не беше случај) и поефективно издавање на Решенијата за категоризација. На средбата пак со генералниот директор на Костал Македонија – Виктор Мизо, разговаравме за тековната работа на компанијата, идните планови, како и состојбите на светскиот пазар и влијанието на овие трендови на нивната работа. Костал е пример за тоа како странските инвестиции можат да донесат значителни придобивки за економијата и развојот на целата држава“, рече Ристески.