ВИДЕО – Кривогаштанските пиперки наголемо го освојуваат пазарот во ЕУ и на Балканот – се одржа Фестивалот на пиперката 2024


Општина Кривогаштани по втор пат го одржа Фестивалот на пиперката чија што цел е промоција на т.н. „црвено злато“ или најпознатата пиперка ајварка во Македонија која од година во година се повеќе се бара кај нас и во странство. Радува особено фактот што пред се младите ја продолжуваат традицијата на овој познат кривогаштански бренд кој годинава има одличен квалитет и повисока цена од лани.

„Јас би работела поради тоа што убаво е да се следи фамилијарната традиција. Работиме и со други држави, важно е и други да го вкусат оригиналниот вкус на ајвар бидејќи работиме по традиционален рецепт“, Јана Пирганоска, земјоделец од Општина Кривогаштани.

 

„Цената е исто повисока за разлика од лани, може да се пофалиме со успех, пак можам, да кажам дека овој Фестивал има успех, бидејќи се пробивме и на Балканот“, кажа Стефан Благадушоски, земјоделец од Општина Кривогаштани.

 

„Квалиетот е добар за разлика од лани има далеку подобар квалитет“, рече Елена Велеска, земјоделец од Општина Кривогаштани.

Земјоделците велат дека оваа пиперка се повеќе се извезува. Побарувачката во моментов била дури и поголема од што има производство.

„Исто така вршиме и извоз во Бугарија, Словенија, Хрватска, Црна Гора и некои централно европски држави, има доста работа искрено“, додаде друг земјоделец од Општина Кривогаштани.

За поголемо производство се најавуваат и нови методи на садење.

 „Расадот производство и пренесување на расадот на нивите би можело да се замени со еден новитет кој го има во соседна Србија, а тоа е засејување на површините директно од семка. Каде што и приносите се многу поголеми“, изјави Горан Цуцулески, компанија за производство на ајвар и производи од пиперки.

На Фестивалот беше и еден млад земјоделец кој произведува џиновски црни домати.

„Има и уште поголеми, само  се уште се зелени, земјата му е погодена, се му е добро и си растат со оваа големина“, кажа Васко Неделкоски, земјоделец од Општина Кривогаштани.

Од Општината најавуваат дека овој фестивал од в година ќе трае 2 до 3 дена.

„Пиперката има иднина затоа што нашата пиперка е со посебен квалитет, тоа е старо семе кое што го има во нашата општина и така што има иднина оваа култура“, истакна Николче Мискоски, градоначалник на Кривогаштани.

 

„Идејата на фестивалот е да се промовира потенцијалот на Општина Кривогаштани, индивидуалните земјоделци,  агро секторот, локалната заедница, заедништвото, сплотеноста и колку жителите на една мала Општина сакаат да дадат се од себе за да бидат препознаени и да го промовираат она што го имаат“, потенцираше Марина Тошеска, ЛАГ АГРО ЛИДЕР.

За сите присутни имаше и богата култрно – уметничка и забавна програма.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи