ВИДЕО – Најголемиот пожар во историјата на Прилеп, горат 16.000 хектари во Мариово, линијата на огнот е 40 км.


На Прилеп му се случува најголемиот пожар во неговата историја, огнот кој беснее во Мариово се простира на околу 16.000 хектари, а линијата на пожарот е и до 40 км. Гори претежно трева и ниско стеблеста шума, но пожарот започнал да зафаќа и дел од боровата висока шума. Огромни пламени јазици и чад се забележуваат во атарите на селата Бонче, Крушевица, Пештани, Дуње и Кален. Синоќа во последен момент беше спасено селото Бонче и манастирот Свети Илија Писокал. Жителите во шок раскажуваат за огромната трагедија која можела да ги снајде.

Синоќа имавме тешка, напорна ноќ, неспан, благодарение на прилепските пожарникари, а најмногу благодарност до доброволното друштво од Битола со цистерни, со води, се уште се на терен и гасат доброволците. Го спасија селото од најголемиот пожар што постоел досега во животов. Многу сум вознемирен, ќе ми изгореше куќата, прв бев на удар за горење и 30 грла крупен добиток ќе ми изгореа. Сега ситуацијата се уште е напната, од горе го враќа назад, се гледа и чадот, тешко е се уште“, вели Жaрко Маркоски, жител на село Бонче.

Пожарникарите од ТППЕ Прилеп веќе неколку денови даваат надчовечки напори огнот да не ги зафати населените места и манастирските комплекси. Особено било страшно синоќа кога за само неколку метри не изгорел манастирот во селото Пештани. Денеска се гаснеше и од воздух, со ер трактор и еден хеликоптер на МВР, кој гориво полнеше во Прилеп, а вода од блиското езеро кај селото Дуње. Исто така на терен има пожарникари од повеќе Општини.

Од 6 сабајле сме на терен, моментално се наоѓаме пред селото Бонче, го штитиме тој дел, ставен е веќе нашиот дел под контрола и се надеваме дека во текот на денешниот ден овој дел ќе биде и целосно ликвидиран. Теренот е голем и затоа сме поделени во повеќе групи, на повеќе делови“, рече Борко Јанкулоски, командир на ТППЕ Охрид.

Во Мариово присутни се околу 200 припадници на полициските тигри, АРМ, вработени во Македонски шуми и пожарникари од повеќе општини.

За жал хеликоптерот кој е во непосредна близина на пожарот, слетан а е на Могила, на пригодно место, не можеше да дејствува поради големата зачаденост, може да се види зад мене. Исто така мислам дека проблем ќе има и ер-тракторот, пред малку зборував со лицето кое го наведува ер-тракторот од земја и детектирал само една позиција каде тој ќе може да дејствува“, истакна Стојанче Ангелов, директор на ЦУК.

Цела Пелагонија е покриена со густ чад, а загадувањето на воздухот е енормно и незапаметено досега.

 „Зафатена е површина од околу 16.000 хектари, што е навистина страшно. Најјголемниот акцент ќе биде ставен на заштита на населените места кои би можеле да се најдат на удар на огнот и да огнот не префрли на одредени шумски предели кои понатаму ќе бидат сериозен проблем и ќе бидат тешки за гаснење“, рече Кире Михаилов, заменик министер на Македонски шуми.

Вчера имало 27 пожари на отворен простор, 4 се активни, под контрола се 2, а целосно изгаснати 21 пожар.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи