Промовирана велосипедската рута „Транс Динарика“ – долга е 5.000 км од кои 605 км низ Македонија

Велосипедската рута Транс Динарика, револуционерна иницијатива која опфаќа шест земји од Западниот Балкан и ќе го трансформира одржливиот туризам во регионот официјално беше промовирана денес. Станува збор за иновативна патека долга 5.000 километри која не само што ги истакнува прекрасните пејзажи и богатото културно наследство на земјите од Западен Балкан, туку има за цел да донесе значајни економски и социјални придобивки.

На настанот по тој повод се обратија министерот за култура и туризам Зоран Љутков, амбасадорката на Шведска во Северна Македонија, Н.Е. г-ѓа Ами Ларсон-Јаин, како и менаџерот на програмата RECONOMY, Пауло Родригез, кои ја нагласија трансформативната улога на иницијативата во регионот.

„Велосипедската рута Транс Динарика нуди 5.000 километри велосипедизам низ Западниот Балкан, вклучувајќи 605 километри низ Северна Македонија. Оваа рута им овозможува на посетителите да ги доживеат убавите пејзажи, различните традиции, кујна и приказни од овој регион. Промовирањето на Западниот Балкан како уникатна туристичка понуда ќе придонесе за одржлив туризам и регионална соработка, овозможувајќи економски и социјален просперитет, додека истовремено отвора врата за дополнителни стратешки инвестиции. Министерството за култура и туризам го препознава овој проект како одлична можност за промоција на рекреативниот туризам, историските места, природната убавина и различните искуства на местата долж патеката, додека истовремено го зајакнува локалното стопанство, создавајќи работни места и поттикнувајќи културна размена,“ рече министерот Љутков.

Амбасадорката Ларсон-Јаин, го изрази своето воодушевување од иницијативата.

„Овој проект претставува значаен исчекор во нашите колективни напори за поттикнување на одржлив рурален развој и унапредување на туристичката индустрија во овој динамичен регион. Рутата Транс Динарика не е само за туризам, таа е за зајакнување и можности. Со фокус на младите лица и жените во руралните подрачја, придонесуваме за стимулирање на туристички активности коишто ќе генерираат нови работни места и дополнителни приходи. Оваа иницијатива е сведоштво за моќта на соработката и заедничката визија за посветла иднина за Западниот Балкан“, рече амбасадорката.

 

„Транс Динарика е повеќе од велосипедска патека, тоа е патување кое нè поврзува со срцето и душата на Западниот Балкан. Се протега низ шест земји, преку 5.000 километри и безброј приказни кои чекаат да бидат откриени. Оваа рута е мост меѓу различните култури, заедничката историја и колективната иднина. Таа го симболизира потенцијалот кој се појавува кога заедниците, владите, меѓународните партнери и приватниот сектор ќе се обединат со заедничка цел: да промовираат одржлив развој, да поттикнат инклузија и да поттикнат економски раст во руралните подрачја“, изјави Пауло Родригез, менаџер на програмата RECONOMY.

Препознаена од над 100 меѓународни медиумски куќи, вклучувајќи Лонли Планет (Lonely Planet), Си-Ен-Ен (CNN) и Гардијан (Guardian), Транс Динарика веќе е прославена како една од „Најдобрите за патување“ за 2024 година.

Повеќе информации за велосипедската рута Транс Динарика на следниот ЛИНК.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи