Наша визија и изградба на брза пруга на Коридор 10 и изградба на слободни економски зони покрај пругата – коцепт кој на инвеститорите ќе им овозможи брз транспорт на нивните производи на европските и светски пазари, ова го истакна заменик претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски за време на официјалната посета на Белград, Република Србија.
„Се работи за една плодна посета, можам да кажам дека се гледаме со целиот државен врв. Имаме средба со премиерот Вучевиќ, имавме средба со претседателката на Собранието, Ана Брнабиќ, понатаму со вицепремиерот и министер за економија Синиша Мали, министерот за транспорт и инфраструктура Горан Весиќ, министерката за енергетика, министерот за надворешни работи, министерот за внатрешна и надворешна трговија, така да целиот државн врв во Србија го среќаваме, што мислам дека е една одлична порака за уште подобри и политички и економски односи.
Тука е соработката во инфраструктурата, знаете дека една од нашите главни заложби, една од основните причини зошто јас сум министер за транспорт е изградбата на брза пруга Скопје-Солун која треба да оперира со 200 km на час. Идејата на таа пруга да продолжува до Атина затоа што таа пруга е веќе изградена, но исто така и до Белград, Будимпешта и Виена. Помеѓу Белград и Будимпешта речиси да е готова таа пруга, се гради меѓу Будимпешта и Виена, а во следниот период треба да се изгради Белград -Ниш-Табановце-Скопје како би имале брза пруга долж целиот коридор 10 за да можат граѓаните да се возат со 200 km на час.
Tоа ќе значи дека патувањето помеѓу Скопје и Белград ќе биде 2 часа и 15 минути, тоа ќе значи дека патувањето меѓу Скопје и Солун ќе биде час и дваесет до час и триесет минути, тоа ќе значи дека Скопје – Будимпешта ќе се патува за 4 часа, тоа ќе значи дека Скопје – Атина ќе се патува за 6 часа, што ќе е комплетно отворање на Македонија, бидејќи поважен од патничкиот е товарниот сообраќај кој ќе оперира со 120 km на час и ова е идеaлно околу брзата пруга да се распоредат слободни економски зони каде ќе можат да се развиваат македонски но и странски инвестиции и како инвеститорите би имале брз пристап и до автопат и до брза пруга и на брз начин би ги извезувале своите производи преку солунското пристаниште како и пристаништето Пиреа кај Атина, но исто така по брзата пруга би ги транспортирале до Будимпешта, Виена и на пазарите во Централна и Западна Европа“, изјави Николоски.