Пожарот зафаќа линија од 30 км., ново жариште кај Дрен Смолани, утре повторно ќе се гасне со ер-трактори и дополнителни сили од земја


Општинскиот кризен штаб за заштита и спасување информира дека продолжува да вложува максимални напори за справување со големиот пожар што е активен на територијата на Општина Прилеп. Моментално, пожарот зафаќа линија од околу 30 километри, со активни жаришта во областа Мариово, околу селата Крушевица, Дуње, Бонче, Пештани и Кокре, како и во околината на населените места Прилепец и Селце. За жал, денес е забележано ново жариште кај местото Дрен Смолани, на тешко пристапен терен, каде утре ќе  се распоредат дополнителни сили.

„Утре очекуваме повторна воздушна поддршка, како и денес, кога два ер-трактори извршија вкупно 16 налети во местата Висока, Лигураса и Дрен, покажувајќи голема ефикасност во нивната интервенција. Пожарот утре ќе продолжат да го гасат и неуморните екипи од противпожарните единици, Дирекцијата за заштита и спасување, Центарот за управување со кризи, Армијата, МВР, Национални шуми и доброволните друштва.

Денес успешно се заврши со оформувањето на заштитен појас со градежна механизација околу манастирот Свети Никола во Прилепец, а доколку има потреба, истата механизација ќе се искористи за заштита и на други важни објекти.

Општинскиот кризен штаб останува постојано активен, координирајќи ги сите расположливи сили во борбата против овој обемен пожар кој ја зафати нашата општина. Изразуваме искрена благодарност до сите добронамерници и компании кои донираат алати и вода, додека Општина Прилеп продолжува секојдневно да обезбедува и доставува храна и вода за сите тимови на терен“, велат од Општина Прилеп.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи