Јаневска: Со масовното иселување од државата се појавуваат вишок на наставници

Facebook
Twitter
Email
Print

Со масовното иселување од државата веќе се појавува т. н. вишок на наставници, иако лично сметам дека наставник не може да биде вишок, ние само треба да ги направиме функционални, рече денеска министерката за образование и наука Весна Јаневска.

Стратегијата за едносменското работење, подолгиот престој на учениците и на наставниците во училиштата и целодневната настава, која, како што рече Јаневска, се покажала како многу ефикасна во повеќе земји.

„Кога ќе направиме нормални паралелки, не паралелки од по 10 или 15 ученици, туку кога ќе ги сведеме на 20 ученици, наставникот што е вишок ќе продолжи да работи во втората половина на денот според програмата на училиштата, која опфаќа многу додатни предмети, изборни предмети, воннаставни активности, работа со деца кои имаат тешкотии во учење, работа со талентирани деца, дополнителна настава, додатна настава, општествено корисни работи. Идејата е дека целиот фонд на наставници треба да го искористиме за учениците да стекнуваат подобри знаења“, нагласи Јаневска.

Јаневска денеска информираше дека ќе им понудат на наставниците да се префрлат во Бирото за развој на образованието, Државниот просветен инспекторат, Државниот испитен центар и Центарот за средно стручно образование и обука, институции кои имаат потреба од искусни луѓе, а во моментот имаат слаби човечки капацитети.

„Ќе им понудиме на наставниците, откако ќе направиме мали измени во законите, да се префрлат во овие институции за да можат да дадат свој импакт на образование, односно да го пренесат своето искуство и знаење на оние наставници на кои им требаат обуки и помош. Да, процесот е огромен, процесот е комплициран, но заедно со нашите странски партнери имаме енергија и волја да направиме нешто за да се подобри целокупното образование на нашите ученици. Оптимизацијата, формулата за финансирање, инфраструктурните промени се дел од овој процес“, изјави Јаневска.

Министерката додаде дека овој процес не може да се направи за два, три или пет месеци и порача дека не брзаат.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи