Ќе има ограничени цени за над 100 прехранбени производи

Facebook
Twitter
Email
Print

Се прават последните анализи за воведување на есенска кошничка, со која над 100 основни прехрамбени производи ќе имаат пониски цени. Од Министерството за економија кое ја прави анализата  велат дека се чека  Владата да ја одобри и веднаш да почне да се применува. Премиерот Христијан Мицкоски  потврди дека ќе има есенска и пролетна кошничка и изрази подготвеност да му излезе во пресрет на стопанството за одложување на примената на Законот за нефер трговски практики.

Мицкоски истакна дека полека, но сигурно цените се стабилизираа, а показател за тоа е и стапката на инфлација која во август изнесуваше 2,2 отсто.

„Ќе имаме предновогодишна кошничка, есенска кошничка во која ќе има своевиден избор на производи што се најупотребувани во тој период од годината, ќе имаме пролетна итн. Во зависност од тоа какви се потребите на граѓаните, односно што најмногу се троши ќе го следиме процесот и нема да дозволиме да ни се случи повторно висока стапка на инфлација со што ќе се влијае негативно врз стандардот на граѓаните. Задоволен сум што стапката на инфлација во август на годишно ниво е 2,2 проценти во однос на ланскиот август, што е навистина добар резултат и е понизок во рамки на еврозоната“, посочи Мицкоски.

Претходно, заменик-министерот за економија и труд Марјан Ристески објасни дека целта на новата намалена кошничка е да се заштити стандардот на граѓаните, а доколку Владата го прифати предлогот, ќе почне да се применува веднаш.

Доколку се прифати мерката, би почнала да се применува наредната недела. Во есенската кошничка се предвидени намалувања на цените на прехранбените производи на основните производи што им се потребни на домаќинствата и намалување на цените на производите што ги користат најмногу во овој период“, рече Ристески.

Според заменик-министерот, мерката што ќе биде предложена не е во колизија со Законот за нефер трговски практики, кој доколку почне да се применува, навреме да донесе видливи намалувања на цените на крајот на октомври или почетокот на ноември. Законот со кој треба повеќе од 2.500 производи да имаат ограничена маржа до 10 отсто е според европски терк и од него се очекува да стави ред на пазарот. Граѓаните се скептични и предупредуваат дека се можни одредени дефицити на пазарот, доколку тој не им е по мера на трговците.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи