Левица: Изгореа над 94 000 хектари шума или 9,5% од вкупната шумска површина – кој ќе понесе одговорност?!

Facebook
Twitter
Email
Print

Во момент кога нашата земја се соочува со една од најтрагичните еколошки катастрофи во последните децении, Левица изразува длабока загриженост и револт поради неспособноста на Владата да ги заштити нашите шумски богатства – изгореа над 94 000 хектари шума или 9,5 % од вкупната шумска површина, а одговорност нема, велат во соопштение од политичката партија Левица.

„Пожарите што ја зафатија Македонија, не се само природна несреќа – тие се директен резултат на систематски пропусти и игнорантност кон животната средина. Според податоците на Европскиот информативен систем за шумски пожари (EFFIS), оваа година во Македонија изгореа над 94,000 хектари шума – бројка што е, речиси, еднаква на вкупните уништени шуми во последната декада.

Ова е алармантен показател за неспособноста на Владата да управува со природните ресурси и да се справи со заканите од климатските промени. Шумите, кои претставуваат околу 983,000 хектари од нашата земја, се сериозно загрозени со 9.5% од вкупната шумска површина – уништена само за една година. Одговорноста за оваа катастрофа директно треба да ја понесе Владата поради:

– Недостаток на превентивни мерки: И покрај познатите ризици, не беа преземени адекватни чекори за спречување на пожарите, ниту за едукација на населението за потенцијалните опасности.

– Недоволно финансирање и опремување: Противпожарните единици останаа без соодветна опрема и со недоволно кадри, и покрај ветувањата за подобрување на нивните услови.

– Бавна и хаотична реакција:

Кога пожарите веќе избувнаа, реакцијата беше бавна и некоординирана, што доведе до поголеми штети отколку што беше неопходно.

– Отсуство на одговорност: До денес, нема јасни одговори за тоа како и зошто се случи ова, ниту се преземени чекори за одговорност на одговорните лица.

Како одговор на овие пропусти, Левица бара:

– Истрага и одговорност: Да се спроведе независна истрага за да се утврдат одговорностите и да се осигура дека виновниците ќе одговараат!

– Инвестиции во противпожарна заштита: Да се инвестира во модерна противпожарна опрема и обука, но и да се воспостави систем за рано предупредување!

– Обнова на шумите: Веднаш да се започне со процес на пошумување и обновување на засегнатите области, воведувајќи ги и програмите за одржување на новите насадувања!

Левица останува на страната на природата и граѓаните. Во услови на оваа еколошка криза, државата треба силно и решително да вложи во заштита и обновување на шумите, но и итно обновување на државната противпожарна инфраструктура со цел превенција на идни катастрофи. Само со одлучни мерки и вистинска грижа за природата, ќе можеме да обезбедиме здрава и одржлива иднина за идните генерации“, стои во соопштението.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи