Уставниот суд ќе ја преиспитува уставноста на Балансерот

Facebook
Twitter
Email
Print

Уставниот суд донесе одлука да се покрене постапка за оценување на уставноста и законитоста на Блансерот откако денеска на дневен ред беше ставена иницијативата на ДКСК пред уставните судии со која тие го оспоруваа балансерот.

„Припадноста е лично чувство на граѓанинот и како такво може да биде менливо. Припадноста на заедница не е ниту општ ниту посебен услов за вработување на административни службеници пропишан со Законот за вработените во јавниот сектор, ниту со Законот за административни службеници, а во суштина е елиминирачки предуслов за пријавување на јавен оглас за вработување во јавниот сектор со што се нарушува начелото на стручност и компетентност утврдено во Законот за вработените во јавниот сектор“, истакна претседателот на уставниот суд Дарко Костадиновски.

Сепак на ова образлагање со контра став излезе уставниот судија Осман Кадриу кој повикувајќи се на уставниот амандман 6 посочи дека доколку Уставниот суд гласа за оваа иницијатива во тој случај ќе има и правни последици .

„Националната припадност својот темел го има во уставниот амандман 6. Правичната застапеност се применува и во другите државни органи каде се бираат функционери. Се суспендира правото на  немнозинските заедници, бидејќи ова може да биде одлука на штета на немнозинските заедници  и ќе имаме сериозни проблеми во односите меѓу заедниците“, вели Кадриу.

Уставната судијка Ана Павлова Данева во дискусијата посочи дека мора да се разграничи дека Балансерот е методологија, но и алатка на непотизам и корупција.

„Мора да разграничиме дека Балансерот е методологија. Како алатка пак многу пати до сега бил злоупотребен и преку примери можеме да увидиме дека во одредени огласи каде што конкретно е наведено дека се бара македонец тоа не е добро за немакедонците или пак ако се бара албанец од старт се ускратува правото за конкурирање на одредено работно место за граѓаните кои не се Албанци. Лично сметам дека ваквата методологија треба да биде укината и ресорните министерства да си изготват нова методологија“, истакна Павлова Данева.

Уставните судии со гласањето одлучија да биде поведена е времена мерка, а дополнително Судот да поведе мерки и за други одредби од законите, како и за Методологијата од 2016 година за вработувања по етничка линија во администрацијата.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи