Светскиот ден без автомобили ООУ „Кочо Рацин“ од Прилеп го одбележа со велосипедска и планинарска тура, на која учество зедоа сите ученици од 4 до 9 одделение. Велосипедската тура беше на релација од зградата на ООУ „Кочо Рацин“ до селото Старо Лагово, а планинарската тура од училиштето до селото Волково. Ова е втора година како се организира овој настан чија цел е да се подигне свеста за зачувување на животната средина.
„Со тоа сакаме да се развие свеста и кај големите, но и кај малите, дека автомобилот не е единствено превозно средство, тоа може да биде и велосипедот, а исто така уште повеќе на училиште може да се оди и пешки. Затоа што јас гледам дека многу родители своите деца на училиште ги носат со автомобили. Оставете ги децата да се движат пешки, а со тоа им се развиваат моторичките способности, а исто така нека возат и велосипеди за почиста животна средина“, истакна Јулијана Тренкоска, директор на ООУ „Кочо Рацин“ – Прилеп.
Ова е втора година како се организира овој настан чија цел е да се подигне свеста за зачувување на животната средина. Лани на настанот учествувале само 2 класови од одделенска настава, а сега тоа е преминато во масовна манифестација.
„И веруваме дека многу повеќе ќе придонесеме еве за развивање на нивната свест и тие понатаму да ги едуцираат и да овозможуваат нивните родители да ја разверат целат дека возењето на велосипед не е само забава и рекреација, туку и грижа за чистиот воздух. А од друга страна надлежните да се потрудат на Прилеп да му дадат малку повеќе простор и можност за да бидиме сите на велосипед“, изјави Наташа Мирческа, наставник во ООУ „Кочо Рацин“ – Прилеп.
„Оваа активност е создадена за да ја поттикне свеста на децата и возрасните за на училиште да не се оди цело време со автомобили и за да има почист воздух. Може да се оди освен со велосипед исто така и пешки, со тротинет, по можност не електричен, за да не за загадува околината“, кажа Милана Христоска, ученик во ООУ „Кочо Рацин“ – Прилеп.
Идејата е идната година настанот да добие на уште поголема масовност и на него да се вклучат и други уЧеници од Прилеп.