Во прилепскиот Завод и музеј Прилеп започна одбележувањето на Европските денови на културното наследство, каде оваа година во 48 држави ќе се одржат околу 50.000 настани на тема „Патишта, мрежи и врски“. Прилепските музеи во периодот кој следува ќе бидат отворени за посетителите, особено за учениците и секако целта на сето ова е едукативниот карактер на настанот.
„Да знаете со какво наследство ние располагаме, располагаме од праисторија, па се до најновиот век со современата уметност, тоа е целта на овие Европски денови на културното наследство. Одзивот е навистина огромен, не можиме да ги примиме сите пријавени кои што сакаат да бидат дел од сите работилници кои се случуваат во Заводот и музеј Прилеп“, вели Мимоза Христоска, директор на Завод и музеј Прилеп.
Според историчарот и кустос советник во Меморијалниот музејот „11 Октомври“, Рубин Белчески, нашите ученици за жал не се доволно запознати со нашата историја и дека треба да има повеќе вакви настани.
„Учениците недоволно се запознати со нашата историја, мислам дека повеќе и преку вакви едукативни работилници, преку изложби, фотомонографии, преку кратки информации ќе научат повеќе. Тоа е и целта на она што го создадовме како институција, како автор на фотомонографијата и автор на оваа изложба, преку кратки информации, учениците да дознаат многу за гфолемиот Ченто, за визионерот. Имаме посета и вклучени се дел од овие објекти во екскурзиите на учениците, но секогаш мислам дека можи многу повеќе од она што реално се случува, и ги повикувам тука образовните институции, МОН, да посочува учениците повеќе да бидат вклучени во тие екскурзии и ваквите објекти едукативно ќе делуваат врз учениците“, изјави Рубин Белчески, историчар и кустос советник во Меморијалниот музејот „11 Октомври“ – Прилеп.
Професорот пак по историја Филип Стеваноски, професор по историја во СОУ „Орде Чопела“ – Прилеп вели дека освен теоретскиот дел, историјата треба да се изучува и практично на терен.
„Нештата треба да се подобруваат, а ќе се подобруваат со се почести екскузрии, односно за сите позаинтересирани ученици кои ги имаме треба и малку попрактично нештото да го видат, што се тоа археолошки локалитети, не се учат истите само на хартија, туку малку и во пракса, кога има ископувања во летниот период треба да го видат нештото, можеби така и повеќе ќе се разгори љубовта кон учениците“, кажа Филип Стеваноски, професор пчо историја во СОУ „Орде Чопела“ – Прилеп.
Прилепскиот Завод и музеј годинава во одбележувањето на Европските денови на културното наследство е вклучен со 10-тина настани.