Во 2023 година вкупните приходи во радиодифузната индустрија изнесувале 2.458.000 денари, а вкупните трошоци 2.708.000 денари. Резултатот од работењето на сите субјекти на пазарот покажува загуба од 261 милион денари, при што загубата на јавниот сервис изнесувала 132 милиони денари, а на комерцијалните телевизии 140 милиони денари. Добивка оствариле само комерцијалните радија која изнесувала 10 милиони денари. Тоа го покажуваат наодите од Анализата на пазарот на аудио и аудиовизуелни медиумски услуги за 2023 година, претставени денеска на третиот јавен состанок на Агенција за аудио и аудиомедиумски услуги.
Според анализата, што ја претстави Катерина Доневска од АВМУ, финансискиот резултат кој го оствариле комерцијалните телевизии е најлош во периодот од 2018 година до сега. Загубата на целата индустрија во однос на претходната година е за три и пол пати поголема.
Приходите на Македонската радиотелевизија изнесувале 1,000.44 денари, на комерцијалните телевизии 1,272.63 денари, а на радиостаниците 185.50 денари
МРТ има пад на вкупните приходи во однос на 2022 година за 9 проценти, додека приходите на комерцијалните телевизии и на комерцијалните радиостаници пораснале за 3 проценти, односно за 8 проценти.
Половина од вкупните приходи во индустријата биле остварени од рекламирање, 50,28 проценти, а 39,47 проценти се средствата од државниот буџет префрлени на сметката на Македонската радиотелевизија. Останатите 10,25 проценти од вкупните приходи биле остварени по други основи.
Доневска потенцираше дека и во 2023 година како и во претходните пет Владата не му ги префрлила на јавниот сервис предвидените средства.
„Во последните шест години МРТ добила речиси три милијарди денари помалку отколу што е предвидено со Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги. Токму ова во Финансискиот извештај за МРТ за минатата година е посочено како причина која доведува до потешкотии во работењето и за остварување негативен финансиски реузлтат“, наведе Доневска, споделувајќи и дека од рекламирање МРТ остварила 12,28 милиони денари, што претставува 1,2 проценти од вкупните приходи.
Минатата година терестријалните телевизии на државно ниво ТВ Алфа, ТВ Алсат-М, ТВ Канал 5, ТВ Сител и ТВ Телма заеднички оствариле вкупни приходи во износ од 1.106,93 милиони денари, а потрошиле вкупно 1.103,39 милиони денари. Највисоки вкупни приходи остварила ТВ Сител (474,04 милиони денари), а истовремено потрошила и најмногу средства (461,50 милиони денари). Најниски се приходите на ТВ Телма во износ од 115,02 милиони денари.
Според анализата, 86,30 проценти од вкупните приходи овие телевизии ги оствариле од продажба на времето за рекламирање. Учеството на приходите од рекламирање во вкупните приходи на секоја телевизија поединечно е највисоко кај ТВ Сител (98,07 проценти). ТВ Канал 5 од рекламирање остварила 93,73 проценти, ТВ Телма 90,47 проценти и ТВ Алсат-M 87,31 процент. Забележително пониско е учеството на овој вид приходи во вкупните приходи на ТВ Алфа, која од продажба на времето за рекламирање остварила само 30,17 проценти од вкупните приходи. За оваа телевизија најзначаен извор на приходи во анализираната година биле приходите од продажба на содржини, во вкупен износ од 89,09 милиони денари.
„Вкупните приходи од рекламирање што заеднички ги оствариле овие пет телевизии изнесуваат 955,29 милиони денари. Тоа е за 4,71 процент повеќе отколку во претходната година, но се уште помалку отколку во предпандемиската 2019 година“, наведе Доневска.
На јавниот состанок беа претставени и програмските активности на АВМУ во третиот квартал годинава.