ВИДЕО – Семејството Китаноски, од с. Требовље во Поречието, едни од последните производители на нефт на Балканот


Во Домот за култура од Македонски Брод беше презентиран документарниот филм „Смолата – традиција и лек“, чиј автор и водител е етнологот Милена Стојческа и каде се прикажани семејството Китаноски, од селото Требовље од оваа Општина, кои се едни од последните производители на нефт или терпентин не само во Макеонија туку и на Балканот, па и пошироко.

Терпентинот се произведува од боровата смола. Стојческа заедно со главниот лик, Радивој Китаноски, го разработуваат целиот процес на изработка на нефтот од поставувањето на земјените лончиња на боровите, собирањето на смолата, па се до нејзиното варење во казан ист како оние за варење на ракија, по што се добиваат 2 производи терпентинот од една страна и останатата смола од друга страна.

Нефтот и смолата имаат најразлична употреба во хемиската индустрија, но може да се употребува и како лек. Ова била една од главните економски гранки во Поречието со децении. Китаноски се веќе 5-та генерација која се занимава со овој занает. Погледнете го овој документарен филм за уникатното производство на терпентинот на традиционален начин кај нас.

Смоларењето во Поречкиот регион е најкарактеристично за селото Требовље. Мештаните на селото се занимавале со овој занает и исто така работеле во фабриката за терпентин и калофон која била сместена во атарот на селото Здуње. Оваа традиција останала до ден денес. Во самиот снимен материјал го презентираме смоларењето во денешно време. Со семејството на Радивој и Каранфила Китаноски, кои со посебно задоволство не упатија во вештините на смоларењето и ни помогнаа во реализацијата на овој проект. Овој проект е од големо значење бидејќи со него се прикажува долговековната традиција и начинот на кој луѓето од природата изнаоѓале начини да направат лекови како што во овој случај е течноста наречена терпентин или нефт која се произведува од смолата и се користела како лек за најразлични болести“, вели Даница Ацкоска, в.д. директор на Дом за култура Македонско Брод.

Еве како изгледа дел од производството на нефт. Има 3 начини на производство, мадонски начин, германски и француски. Разликата е во тоа колку широко се сечи стеблото на борот. До денес е останат францускиот начин со мали отстапки од ширината на делкање на корота која со овој начин не смеела да биде поширока од 8 до 12 цм.

„Сега ќе покажеме практично како се работи и се реди на француски начин. Како и сите борови, од едната страна се работи од претходните години, но сега да покажеме редослед како се средува борот за да го смолариш. Прво му се одзема дебелата кора со секира, барем едно метро, пажливо да не ја повредиш долу другата коричка. Не смее да се повреди, ако ја повредиш на тоа место смола не течи. До земја мора да биде кората симната. Еве сега ова веќе ја привршивме првата фаза, вадењето на коратаСега ја земаме теслата да го делниме прво, а потоа се местат шилките и плехот. Засекуваме со главната тесла, таа мора да биде како жилет оштра. Потоа го земаме секот да направиме за шилките да ги поставиме, се ставаат под косина, се чука со чук да навлезе внатре за шилките да се постават. Шилките се од бор бидејќи е смоларено, тоа е јако. Една шилка ја наместивме, сега в косо ја местиме и другата шилка. Тука се остава мал простор за да не се собира после смола и да лепи, се остава простор за да течи на плехчето и во лончето право. Сега го земаме другото тесличе кое е специјално за плехот поставување, под косина исто, заоблено како плехот што е. Овие плехчиња лично сами дома ги правиме. Сега теслата се подига нагоре за да подвлези малку плехот, се потчукнува да се стегни, ако нема место за шајка така го ставаме, па нагоре со шајка. Ова е прво поставување затоа нема потреба од шајка, ако е повисоко тука ставате шајка за да може лончето да стои. Ќе ставиме коричка и нема проблем. Повторно на друго дрво истата процедура ја повторуваме, се местат шилките, како претходно. Има некои многу тврди борови, тврди дрва и потешко иди, а некои се помеки и полесно иде секот. Ова лонче се поставува сега повисоки од земјата и за да стои под него ставаме шајка да го стои на неа“, вели Радивој Китаноски од селото Требовље.

Потоа после 2 месеци од поставувањето на лончињата се собира првата смола.

„Сега канчината ги собираме во збирна канта, одиме од бор на бор и во неа ги собираме со лопатчето, без да ми течи горе-долу. Секоја капка е вредна, треба да се внимава. Го чистиш лопатчето од кантата и го ставаш лончето на борот за друга тура. Потоа ја тураме собраната смолата во садовите, погледенете таа е како кајмак, прва класа“, додава Китаноски.

Во месец август смолата се вари во специјален казан сличен како оној за варње на ракија.

„Откако ќе се свраи смолата терпентинот се тура во сад и потоа со другата смола од казанот почнуваме со друга процедура. Во оваа кадичка ја ладиме, ставаме сито и гасење, смирување на смолата, да се излади, бидејќи се работи под голема температура не смее со гола рака од горе да се чепка, туку со дрвце од страна, да се собери малку, па дури потоа со рака од долу, бидејќи има кора смолата од ладната вода и мора внимателно горе да се не чепни со прст, бидејќи ќе се стопи прстот. Мора со дрво прво, да се одлепи смолата бидејќи е распространета преку цела кадичка и кога ќе ја собериме малку со дрво, од долу со раката може да се собира, не е жешко, не е опасно. Откако ќе ја собериме во тесто, ја вадиме на масичка и ја сечиме на мали топчиња. Топчињата ги ставаме во посебна ладна вода се изладат, најмалку половина час ладење. Откако ќе се изладат топчињата во ладната вода може да се собираат во вреќа, за продажба“, вели Китаноски.

 

„Додека ја ладиме смолата, која е се уште врела преку 120 степени, ќе ја изработиме до таа фаза да може слободно да работиме без опекотини. Смолата, или колофониум стручен назив на латински, се користи од стари времиња за производство на свеќи, црквени и обични свеќи за домаќинство. Во поново време се користи и за депилациски средства. Во технологијата најчесто се употребува и ден денес за производство на пасти за лемење и позната е како колофониум паста, со која се лемат производи со калај или калајдисување. Друга намена, нус производ е терпентиново масло, кое се користи во медицината за алерго тестови и реуматични болку, луѓето ја користат одамна, од стари времиња, познат е како лек антиреуматик. Ние како семејство сме 4-5 генерација кои произведуваме на овој начин, тоа е класичен начин, традиционален како што бил во времето. И сме меѓу последните не само на Балканот, туку и во Европа кои изработуваат, но се помалку и помалку има производители, па полека изумира оваа традиција на производство на смола и етерично масло терпентин“, додаде неговиот син Горан Китаноски.

Ова е уникатниот начин на производство на нефт или терпентин кој за жал е еден од занаетите кој се помалку го има. Да се надеваме дека наследниците на Китаноски ќе ја продолжат традицијата и дека ова производство нема да исчезне.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи