Целовечерен концерт на универзитетскиот ансамбл „Македонија“ во ЦК „Марко Цепенков“

На 8.10.2024, вторник од 19.30 часот во големата сала од ЦК „Марко Цепенков“ целовечерен концерт ќе одржи универзитетскиот ансамбл Македонија. Концертот е дел од годишната програма на Центарот за 2024 година, поддржана од Министерството за култура и туризам.

Ансамблот МАКЕДОНИЈА претставува репрезент на македонската традиционална култура при Музичката Академија на Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип. Единствен во државата, од ваков тип, ансамблот работи со кадар – професионалци кои се едуцираат низ споменатите институции. Со него раководат врвни професионалци и стручен кадар од областа на традиционална игра, традиционалните инструменти и пеење.

Репертоарот на Ансамблот Македонија е категоризиран според орските и музичките стилски карактеристики обработувајќи сценски адаптации од сите играорни подрачја во Македонија: Западно; Југозападно; Јужно; Источно и Северно играорно подрачје. Орскиот репертоар или традиционалното играње се презентира преку обредната и соборската традиција како на пример:

Обредни содржини –  Џамалари од Скопска Блатија; Божиќарќе од Гора; Машки обредни поворки за Водици од Мијаци, Мала Река; Лазарице од с. Луке; Лазарки од Дебар; Велигденски игри од Порече; Ѓурѓевен од Азот; Тешкото – Мијаци, Мала Река и др.

Соборски содржиниОраовички собор од Радовишко Поле и Радовишки Шоплук; Овче Поле; Нашето село од Скопска Црна Гора; Каршијак – Скопска Блатија; Чангулово– Малешевија; Шетнала се Јана -Пијанец; Пустец – Долна Преспа; Буките и Поседница – Воден/Меглен и многу други.

Главно обележје на орскиот и музичкиот репертоар се сценско-уметнички сегменти од традиционалната културата како на Македонците, така и на останатите етноси во Македонија. Изоставена е секаква стилизирана форма, а на широката лепеза од сценски адаптации, би ги споменале:

Нели си се наспало (помуслиманети Македонци) од Струшки Дримкол; К`на геџаси – Турци Јуруци; Мама ми купи шарени чорапи – Мегленски Власи; Заигрување на бајракот – Хламбура – Власи Карагуни; Ромска свадба од Скопје; Роми Лазарки– Битола  и останати.

Репертоарот на Ансамблот Македонија работејќи во правец на веродостојно афирмирање на македонските традиционални вредности, негува и презентира повеќе музички стилови и тоа:

  • традиционален оркестар од тапан, гајда, зурла, кавал, шупелка, сворче, двојанка, тамбура,ќемане,
  • чалгиски оркестар од канон, ут, кларинет, виолина, дајре, тарабука, прим,
  • плех оркестар од тапан с`с саан, грнета(кларинет), жута (труба), тарамблок (тарабука).

Изразно средство со голема важност е и вокалниот елемент, без кој играта не може да се замисли и опстане. Вокалниот репертоар на Ансамбл Македонија истражува и се интерпретира низ неколку категории негувајќи различни стилски карактеристики: традиционално едногласно, двогласно  (бордунско) и трогласно (гртено) пеење поделено според обредната или соборската практика, како од селската така и од градската музичка традиција.

Кон ова би го припоиле и фактот дека посебен сценско – естетски белег оставаат и оригиналните облековни елементи – носиите, со повеќе од 5000 облековни елементи и над 150 комплетни носии од различни етнички предели на Македонија кои датираат од крајот на XIX век и почетокот на XX век (Скопска Блатија, Скопска Црна Гора, Средорек, Жеглигово, Славиште, Пијанец, Малешево, Радовишко и Струмичко Поле, Костурско, Воден/Меглен, Леринска Река и Леринско Поле, Мала Река, Долна Река, Горни и Долни Полог, Азот, Прилепско и Битолско Поле и др. )

Облековниот инвентар на Ансамблот Македонија се презентира и преку различни модни стилови карактеристични за историското минато на македонската култура. Модни стилови карактеристични за градските центри како ала Турка од крајот на XIX и поч. на XX век со турско-ориенталното влијание во облековната култура, како и ала Франга – западноевропскиот градски моден стил од почетокот на XX век. За сценско презентирање на селската традиционална култура, ансамблот располага и со автентични традиционални носии од различните етнички предели во Македонија, нагласени преку различни социјални атрибути и реквизити, прикажувајќи ги различните социјални статуси во културата на живеење.

Младите функционални, сестрани уметници – играорци, исполнители на народни инструменти и пејачи, достојно го претставуваат она што се нарекува минато, она што претставува духовна и материјална култура, она што претставува генетскиот код на еден народ.

Основната порака од концертите на македонските културни амбасадори може само да се почуствува и доживее. Ансмблот Македонија, е оформен 2012 година, и во краткиот временски период на активно творење реализираше голема турнеја во Јапонија во 2013 год,турнеји и гостувања во Холандија, Бугарија, Германија, Србија, Турција, Полска, Литванија како и голем број на концерти во повеќе градови во Македонија. Во изминатите седум години ансамблот има реализирано повеќе од 500 концертни активности низ Македонија и светот.

Награди:

  • Гранд при награда на интернационален фоклорен фестива „The Podlasque“, Octave of cultures 2015.
  • Специјална награда за негување и афирмирање на традиционалната музика на 42 – ри Фестивал на анродни инструменти и песни Пеце Атанасовски, Долнени.
  • „ПРИЗНАНИЕ ЗА МАКЕДОНСКИ КВАЛИТЕТ 2016 ГОДИНА“ доделено од Сојуз на стопански комори на Република Македонија.
  • ГРАНД ПРИ НАГРАДА – X DANCE НАТПРЕВАР  
  • ПРИЗАНАНИЕ од Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип за Интернационална афирмација на универзитетот и македонската традиционална култура.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи