Климатските промени, иселувањето, но и несоодветната помош од државата се причините за намалувањето на бројот на пчелните семејства во прилепско. Ако пред 15-тина години имало над 300 пчелари сега тој број е и повеќе од двојно намален. Годинава пак својот данок го зела сушата, но и големите пожари кои зафатија и цели пчеларници, особено во мариовскиот дел.
„Оваа година лошо се одрази на приходот на мед општо во прилепско, просекот е некаде 6-7 кг по пчелно семејство, што носи до нешто да медот треба да се зголеми идната година. Затоа што цената со овие мали приходи нас не чини само да го произведиме 400 денари, а што да остане за нас кога имаме и други расходи, кои исто така растат. Медот сега чини 600 денари“, изјави Дејан Бошкоски, претседател на здружение „Братство“ – Прилеп.
Пчеларите се борат и за пласман, бараат помош од државата.
„Изобилуваме со прекрасни услови за производство на мед, чиста еколошка средина, може да произведиме еден од најквалитетните медови и на светско ниво. Има држави до тој степен што ги изрекламирале своите медови што некои продаваат и по 500 евра за кг. Нашиот мед не е ниту за грам понеквалитетен од тие медови. Меѓутоа ни недостасува помош една таква од државата да кажиме на светот што ние имаме и произведуваме“, вели Дејан Бошкоски, претседател на здружение „Братство“ – Прилеп.
„Затоа ни треба организиран пласман, сами се бориме, учествуваме на вакви саеми, одиме на пазари, имаме редовни муштерии“, додаде Олга Шишкоска, пчелар.
„Треба прво организација, да се најде некоја фирма, откупувач или државата да застане позади тоа да најди пазар и не мора да е тоа за извоз, може да се најде пазар и за тука во Македонија, да ни помага државата во организација на вакви настани, доволно е да ни се помогне така за да не мора ние тука да бараме постојано купувачи“, истакна Зафир Зафироски, пчелар.
Инаку Македонија е држава која малку користи мед по глава на жител и тоа треба да се промени.
„Нема навика кај луѓето и треба да се промовира, а медиумите се основна работа за тоа. Инаку во однос на цената не е скап, колку едeн килограм месо е, а се јаде цел месец“, рече Љубе Настески, пчелар.
Пчеларите освен продажбата на мед нудат и алтернативни иновации од пчелите, како што се апи коморите.
„Апи комората лечи болести на дишни патишта, како астма, бронхит, бронхопневмонии, делува и на самиот нервен систем, го релаксира и стимулира“, изјави Зафир Зафироски, пчелар.
Инаку во Прилеп по 15 пат се одржа саем на медот во организација на пчеларското здружение „Братство“ од овој град.