РЕК Битола, најголемиот производотел на струја во државава ноќеска на полноќ бил целосно исклучен од работа, а во наредниот период ќе работи со еден блок, додека е во тек процесот за нормализација на рудникот Суводол, информираат од АД ЕСМ.
„Во РЕК ‘Битола’ во тек се подготовки за претстојната грејна сезона. Се испитува стабилноста и доверливоста на постројките по извршените ремонти на блоковите 2 и 3“, велат од ЕСМ.
На блокот 1, додаваат оттаму, годинава воопшто не бил извршен ремонт, така што и врз таа постројка се во план дополнителни интервенции во пресрет на зимата.
Инаку, ЕСМ веќе купи струја за до средината на октомвриа, а во последно време се направија неколку набавки за да се покријат потребите.
„Со оглед на фактот дека доаѓа зима кога и потрошувачката се зголемува, планот е набавките да се прават на подолг временски период од неколку месеци, а за тоа ќе се бараат кредити од домашните банки за да се обезбедат пари со цел може да се купуваат потребните количини на електрична енергија“, истакна претходно министерката за енергетика Сања Божиновска.