Уставниот суд денеска на седница го укина „балансерот“ – алатката за вработување според национална припадност во државните институции. Одлуката нема да важи ретроактивно, односно сите оние кои се вработиле преку оваа алатка остануваат на работа, без разлика дали притоа излажале за својата национална припадност само за да се вработат.
Постапката следува откако претходно судиите одлучија да отворат предмет и привремено ја „замрзнаа“ употребата на балансерот додека да се донесе денешната конечна одлука.
Претседателот на Уставен, судијата Дарко Костадиновски рече дека одлуката што ја донеле се темели исклучиво врз уставно-правна анализа.
„Неспорно е дека балансерот предизвикал многу злоупотреби, но тоа што е важно е дека оваа одлука треба да биде поздравена од помалите заедници.Помалите заедници се жртва на злоупотреба на овој механизам. Македонци се запишуваа како Албанци, Турци, Власи за да се вработат, а потоа по еден месец ќе го променат чувството на етничка припадност, што е исто така загарантирано со Устав. Со ваквиот пристап, ова одеше во штета на помалите етнички заедници“, рече Костадиновски.
Балансерот беше правно-институциоанлна, но пред се политичка алатка која се користеше при вработувањето во јавната администрација со цел да има соодветна и правична застапеност на етничките заедници.