Соња Јакелиќ од Прилеп е згрижувач на деца без родители уште од 2004 година. Денес има згрижено 2 дечиња со посебни потреби на возраст од 9.5 и 14 години. Вели дека пред се се одлучила за овој предизвик од љубов кон децата. Дома заедно ги чувале сите како еден тим, со мајката едната биолошка ќерка и сопругот.
„Имам прилика во животот да помогнам на мали, невини, незгрижени деца, така да ме исполнува, се чувствувам исполнето, радосно и среќно, да можам љубовта да ја поклонам и да ја споделам со нешто што е навистина многу невино“, вели Соња Јакелиќ, згрижувач.
Но за жал овие примери се се поретки. Бројот на згрижувачки семејства во Прилеп е во постојан пад. Во моментов има евидентирано 21 згрижувачко семејство. Бројот на згрижени деца е 25. Најголемиот проблем е тоа што нема семејства кои сакаат да згрижуваат деца со посебни потреби. Од Центарот за социјална работа во Прилеп апелираат на поголема хуманост кај граѓаните.
„Како причини за намалениот број на згрижувачки семејства е тоа што возраста на згрижувачите расте, значи нивната возраст се зголемува, нивната здравствена состојба веќе е нарушена, но да напоменам дека веќе згрижените деца или лица кои претежно се лица со специфични потреби, односно со пречки во развојот, нивната возраст расте, но и нивните потреби се зголемуваат, така што можеби нивните специфични потреби стануваат проблем за згрижувачите да одговорат на потребите кои ги имаат тие лица“, истакна Гордана Велјаноска, педагог во Центар за социјална работа Прилеп.
За едно згрижено дете со посебни потреби државата на семејствата им дава 25.000 денари, за 2 околу 43.000. Иако сумата не е голема сепка овие деца користат и други парични додатоци од државата. И згрижувачите апелираат дека не се важни само парите туку пред се хуманоста.
„Овој начин на живот исполнува, мотивира, те храни, ти го отвора умот и душата, за мене ова е возвишение, најголемото нешто возвишено кое може да постои, за еден човек што може да го направи за да помогни е ова. За мене е единствено мотив таа негрижа да ја претворам во грижа, да не се тие деца запоставени, омаловажени, да има едно катче каде ќе ја почувствуваат љубовта“, рече Јакелиќ.
Освен можеби зголемување на паричниот износ потребни се кампањи и трибини за мотивирање на населението за да се вклучат во згрижувањето.